вторник, октомври 27, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА „Тему“ воведува построги контроли по казната од 200 милиони евра

„Тему“ воведува построги контроли по казната од 200 милиони евра

27
EPA/OLIVIER HOSLET

Европската комисија го прифати акцискиот план на „Тему“ (Temu) за надминување на недостатоците во проценката на ризикот поврзана со продажбата на нелегални производи. Ова доаѓа откако во мај на платформата ѝ беше изречена парична казна од 200 милиони евра поради прекршување на Законот за дигитални услуги (DSA).

Кинеската платформа за е-трговија се обврза да ја подобри анализата на ризици, поблиску да ја следи ефективноста на заштитните мерки и – таму каде што е потребно – да ги засили напорите за спречување на продажбата на нелегални и небезбедни стоки, пренесува Euronews.

Одлуката беше објавена на 26 октомври. Меѓу обврските на Temu е и испитувањето на тоа како системите за препорачување производи би можеле да ја зголемат видливоста на нелегалните артикли.

Прифатениот план опфаќа пет области: проценка на ризици специфични за платформата, мерење на ефективноста на заштитните мерки, идентификување на слабостите во системите за модерирање на содржината, анализа на препораките за производи и истражување на потенцијални манипулации од страна на продавачите.

Ова вклучува испитување на тоа како трговците би можеле да ги искористат функциите на Temu за да ја зголемат видливоста на потенцијално нелегални производи. Според соопштението од Европската комисија, компанијата има рок од четири месеци да спроведе привремена проценка на ризикот, која ќе опфати шестмесечен период што завршува на 30 ноември 2026 година.

Казната изречена во мај следеше по официјалната истрага започната во октомври 2024 година. Целта на постапката беше да се утврди дали Temu ги исполнува обврските пропишани со Законот за дигитални услуги (DSA) за многу големи онлајн платформи.

Европските истражители утврдија дека компанијата не успеала соодветно да ги идентификува и процени ризиците поврзани со нелегалните и небезбедните производи достапни за европските потрошувачи. Меѓу проблематичните артикли спаѓаа опасни играчки за бебиња и небезбедни полначи.

Од Temu ја поздравија одлуката за прифаќање на планот, наведувајќи дека ја ценат конструктивната соработка со Европската комисија. Компанијата истакна дека планот ја потврдува нејзината посветеност кон инвестирање во системи за усогласеност и кон создавање безбедна и доверлива средина за купување.

Според податоците што ги пренесува Euronews, Temu има приближно 130 милиони корисници во 27 земји-членки на ЕУ, што ја прави една од најголемите платформи за онлајн трговија во Европа. Новите царински давачки претставуваат дополнителен товар за малите пратки

„Temu“ и други платформи се соочуваат со промени во царинските прописи. Од 1 јули, ЕУ воведе привремена царинска давачка од три евра за одредени тарифни категории на стоки во мали пратки со вредност до 150 евра – стоки кои претходно беа ослободени од вакви давачки.

ИЗДВОЕНИ