Никола Јокиќ повторно се најде во центарот на вниманието, но овој пат причината не е неговата кошаркарска магија, туку жестокиот судир со дел од навивачите на Денвер Нагетс. Српскиот ас беше разочаран откако публиката го пречека сопствениот тим со свирежи уште на почетокот на сезоната, иако Денвер на крајот славеше против Њу Орлеанс со 141:135.

Реакцијата на Јокиќ предизвика голем број коментари во НБА-лигата, а во негова одбрана застанаа неколку поранешни и актуелни кошаркари. Меѓу нив е и Олден Полинис, кој во поткастот „Бајрон Скот’с фаст брејк“ испрати остра порака до оние што сметаат дека свирежите можат да го погодат српскиот центар.

  • Дали навистина мислите дека на Џокерот му е грижа за вашето викање и дерење? Ова е човек кој избегнувал бомби и куршуми, бомби што паѓале врз неговата сопствена земја. Тие бегале од ракети. Ајде де, луѓе, престанете, порача Полинис, потсетувајќи на тешките околности низ кои поминал Јокиќ во детството.

Поранешниот НБА-играч посебно го истакна менталитетот на српскиот кошаркар, кој е познат по тоа што не сака да пропушта натпревари без сериозна причина. Според него, Јокиќ поседува квалитети што би му овозможиле да доминира во која било ера на кошарката, благодарение на разновидните вештини, физичката цврстина и пристапот кон играта.

  • Јокиќ би можел да игра во која било ера. Човекот едноставно игра – тој не верува во одмoрање или пропуштање натпревари поради менаџирање на оптоварувањето. Токму затоа велам дека поседува таков менталитет, објасни Полинис.

Самиот Јокиќ не го криеше незадоволството од однесувањето на публиката. По драматичната победа над Њу Орлеанс, тој испрати директна порака до навивачите што го исвиркуваа сопствениот тим.

  • Ова е првиот натпревар на домашен терен, а некои навивачи ни свиркаат. Не мораат ни да се враќаат. Ако нè следите, знаете дека никогаш не се откажуваме. Сме се враќале и од полоши ситуации од оваа. Ако ме прашувате мене, тие веќе не се добредојдени. Ако се вистински навивачи, би требало да нè поддржуваат и во добро и во лошо, изјави српскиот центар.

На негова страна застана и Дрејмонд Грин, кој призна дека свирежите кон сопствениот тим уште на првиот домашен натпревар се непријатно изненадување. Кошаркарот на Голден стејт смета дека навивачите имаат право да бидат незадоволни, но дека постои граница што не треба да се преминува.

  • Се согласувам со Јокиќ. Јасно е дека не си на наша страна ако веднаш почнеш да ни свиркаш. Ако доаѓаш само за да свиркаш, тогаш остани дома, порача Грин, додавајќи дека српскиот ас бил целосно сериозен кога ги упатил критиките.

Така, победата на Денвер остана во сенка на конфликтот со дел од публиката, а поддршката од познати имиња во НБА дополнително ја разгоре дебатата. Јокиќ и неговите соиграчи сега ќе мораат да одговорат на теренот, додека навивачите ќе треба да одлучат дали ќе му дадат на тимот поддршка или нови свирежи.

 

ИЗДВОЕНИ