Скопјанка до редакцијата на весникот ВЕЧЕР се пожали дека се згрозила од глетката при посета на Македонската филхармонија каде што се одржувал концерт на познати странски изведувачи. „Подземниот премин редовно е затрупан со ѓубре, со остатоци од храна, а во четвртокот минатата недела, освен што имаше отпадоци, капак на сè беа фекалиите кои беа размачкани во преминот пред скалите. Беше многу грдо и недостоинствено. Се прашувам каков впечаток оставаме кај посетителите од странство, кај останатите гости. Каква слика оставаме за нашиот главен град“, прашува таа. Од АД за изградба и стопанисување со деловен простор која стопанисува со гаражата позната како „Кресенско востание“ велат дека реакцијата на граѓаните за условите ја сфаќаат сериозно и затоа велат дека е важно да ја информираат јавноста за реалната состојба и за активностите што се преземаат за нејзино подобрување
Културните институции во главниот град не заслужуваат пристап каков што го имаат во моментов. Иако и Град Скопје и Министерството за култура и туризам секојдневно најавуваат нивно заживување со бројни проекти, граѓаните реагираат на нехигиената и на недостоинствените пристапи на патот до институциите.
Скопјанка до редакцијата на весникот ВЕЧЕР се пожали дека се згрозила од глетката при посета на Македонската филхармонија каде се одржувал концерт на познати странски изведувачи. Таа раскажа дека подземниот премин од паркингот на кој го оставила своето возило наликувал на сè, само не на место кое води до културна институција.
–Подземниот премин е редовно затрупан со ѓубре, со остатоци од храна, а во четвртокот минатата недела, освен што имаше отпадоци, капак на сè беа фекалиите кои беа размачкани во преминот пред скалите. Беше многу грдо и недостоинствено. Се прашувам каков впечаток оставаме кај посетителите од странство, кај останатите гости. Каква слика оставаме за нашиот главен град – прашува таа.
Од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор која стопанисува со гаражата позната како „Кресенско востание“ велат дека реакцијата на граѓаните за условите ја сфаќаат сериозно и затоа велат дека е важно да ја информираат јавноста за реалната состојба и активностите што се преземаат за нејзино подобрување.
– Грижата за хигиената и функционалноста на објектите под наша надлежност е една од нашите клучни заложби и во таа насока континуирано спроведуваме активности за нивно одржување и унапредување – потенцираат од акционерското друштво.
Притоа наведуваат дека хигиената во гаражата се одржува редовно и согласно утврден план.
–Просторот се чисти на секои четири дена, особено во деловите со најголема фреквенција, а еднаш месечно се врши генерално чистење и дезинфекција. Сепак, станува збор за отворен јавен објект, што претставува дополнителен предизвик во одржувањето на хигиената поради влез на лица кои не се корисници на гаражата и кои неретко оставаат несоодветни траги зад себе – образлагаат од АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката.
Признаваат дека има простор за подобрување и како што потенцираат во наредниот период ќе ги засилат активностите за почесто чистење и контрола на состојбата во објектот.
–Паралелно разгледуваме и дополнителни мерки за заштита на просторот и спречување на несоодветно користење на гаражата – децидни се од Акционерското друштво.
Додаваат дека продолжуваат активно да инвестираат во подобрување на условите за корисниците и нагласуваат дека секоја забелешка од граѓаните ја сметаат за корисен придонес во насочувањето на нивните активности таму каде што е најпотребно.
Ова не е единствен пример за несоодветно одржување и пристап до културните институции. На немилост и речиси без пристап и секојдневно во смет е и скопскиот Аквадукт, а обраснато во треви е и Калето, иако и скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, најавија нивно заживување во рамки на проектот „Скопје – европска престолнина на културата 2028“. А Ѓорѓиевски нагласи дека културата мора да стане двигател на урбаната трансформација и трајна основа за развојот на градот.
(А. П.)












