Пејачката Тамара Тодевска е повторно во фокусот на македонската музичка сцена. Таа го објави синглот „Драма квин“, кој е и прва песна од нејзиниот студиски албум „Кукла жива”. Она што е интересно е дека проектот е првиот визуелен албум создаден во Македонија.
Песната е потпишана од Коста Петров и од самата Тамара, а аранжманот е на Емин Џијан во соработка со ансамбл од над 50 музичари и хор – што зборува за амбицијата и размерот на проектот.
Инаку, спотот е снимен во студиото „Такат”, а е во режија на Мартин Трајановски, со кој Тамара има работено на повеќе свои проекти низ годините.
Албумот „Кукла жива” содржи 10 нови песни, снимени во целост со живи инструменти.
Во врска со новата песна и целиот музички проект, Тамара посочува: „Ова е само мал дел од она што следува – албум на кој работат некои од најдобрите музичари во Македонија, комплетно сниман со живи инструменти и песни кои се инспирирани од различни периоди на мојот живот. „Драма квин“ е брза и динамична песна, а навистина уживавме во текот на снимањето на визуелниот дел… На спотот работев со луѓе со кои сум работела и претходно, дел од нив се мои повеќегодишни соработници, но и пријатели, па затоа лесно се разбиравме во
креативниот дел и во она што сакаме да го постигнеме како финален производ, не само за оваа песна туку и за останатите“.
„Драма Квин” е достапна на официјалниот јутјуб-канал на Тамара Тодевска, а наскоро ќе биде достапна и на сите дигитални музички платформи.
Инаку, Тамара Тодевска и нејзиниот тим веќе се подготвуваат и за големиот солистички концерт и концертна промоција на албумот „Кукла жива“, која ќе се случи на 3 октомври (сабота) во арената „Борис Трајковски“.












