Дигитализацијата, вештачката интелигенција и паметните енергетски системи ќе имаат клучна улога во создавањето сигурен, одржлив и конкурентен енергетски сектор, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на настанот „Дигитализација и иновации за сигурна и одржлива енергетска транзиција“, организиран од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во соработка со Машинскиот факултет – Скопје и во партнерство со Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

Присутните гости уште при самиот влез на настанот имаа можност да се запознаат со иновативно технолошко решение развиено од студентите и истражувачите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ). Робот, програмиран на ФЕИТ, ги пречекуваше и поздравуваше учесниците, симболично претставувајќи ја поврзаноста меѓу дигиталните технологии, иновациите и иднината на енергетскиот сектор, што беше и една од централните теми на настанот.

Настанот обедини претставници на академската заедница, енергетските компании, ИТ секторот и институциите, во заедничка дискусија за улогата на современите технологии во енергетската трансформација на државата и регионот.

Во своето обраќање министерката Божиновска истакна дека енергетската транзиција денес не претставува само замена на традиционалните извори на енергија со обновливи извори, туку длабока трансформација на целиот енергетски систем.

– Дигиталните технологии, автоматизацијата, анализата на податоци и вештачката интелигенција стануваат неопходен предуслов за создавање модерен, ефикасен и отпорен енергетски систем. Но, ако има еден ресурс што е поважен од секоја технологија, инфраструктура или инвестиција, тоа се луѓето. Најголемиот капитал на една држава е знаењето – нагласи Божиновска.

Таа посочи дека Македонија е цврсто определена кон изградба на одржлив енергетски сектор кој ќе обезбеди сигурно снабдување со енергија, ќе ја зајакне конкурентноста на економијата и ќе придонесе за исполнување на климатските и европските обврски на државата.

Во рамки на панел-дискусијата „Од иновација до имплементација: дигитални и инженериски решенија за сигурна енергетска транзиција“, министерката истакна дека Македонија денес поминува низ една од најзначајните трансформации во својата енергетска историја.

– Нашата цел не е само да ги следиме европските трендови, туку активно да се позиционираме како земја која создава услови за модерна, одржлива и конкурентна енергетика. Во последните години значително се зголемија капацитетите од сонце и ветер, а интересот на инвеститорите продолжува да расте. Тоа е доказ дека Македонија станува препознатлива како сигурна дестинација за инвестиции во чиста енергија – истакна Божиновска.

Таа нагласи дека следната фаза од транзицијата подразбира многу повеќе од изградба на нови производствени капацитети.

– Вистинскиот предизвик е интеграцијата на обновливите извори во електроенергетскиот систем. Затоа фокусот денес е ставен на батериските системи за складирање на енергија, паметните мрежи, дигитализацијата и модернизацијата на инфраструктурата – рече Божиновска.

Осврнувајќи се на законските реформи, Божиновска посочи дека новиот Закон за енергетика претставува историски чекор со кој државата добива современа регулаторна рамка усогласена со европското законодавство.

– Законот отвора простор за развој на батериски системи за складирање на енергија, паметни мрежи, дигитални услуги, активни потрошувачи и енергетски заедници. Во тек е подготовка на подзаконските акти кои ќе овозможат целосна имплементација на овие решенија – истакна таа.

Говорејќи за предизвиците со кои се соочува енергетскиот систем, министерката нагласи дека државата паралелно работи на зголемување на домашното производство на електрична енергија, модернизација на преносната и дистрибутивната мрежа и зајакнување на регионалната енергетска поврзаност.

– Голем дел од инфраструктурата е изградена пред повеќе децении и потребни се сериозни инвестиции за да може системот безбедно да ги прифати новите производствени капацитети. Паметните мерни уреди, напредните системи за управување со мрежата и новите дигитални технологии ќе имаат клучна улога во одржувањето на стабилноста и сигурноста на снабдувањето –  рече Божиновска.

Таа потсети и на стратешките инфраструктурни проекти што се реализираат, меѓу кои интерконекторот за природен гас со Грција и електроенергетската интерконекција Битола – Елбасан со Албанија, кои ќе придонесат за поголема енергетска безбедност, диверзификација на изворите и подобра интеграција на регионалниот енергетски пазар.

Посебен акцент беше ставен и на улогата на образованието, науката и развојот на човечкиот капитал.

– Иднината на енергетиката ќе ја водат луѓе кои подеднакво ги разбираат инженерството, дигиталните технологии и потребите на современото општество. Затоа инвестициите во знаење се инвестиции со најголем поврат. Токму младите инженери, истражувачи и иноватори ќе бидат носители на енергетската трансформација во наредните децении – порача Божиновска.

Учесниците на настанот се согласија дека дигитализацијата повеќе не е избор, туку предуслов за успешна енергетска транзиција, а соработката меѓу институциите, академската заедница, енергетскиот и ИТ секторот ќе биде клучна за создавање сигурен, отпорен и конкурентен енергетски систем подготвен за предизвиците на иднината.

ИЗДВОЕНИ