четврток, јуни 4, 2026
Дома СКОПСКА Пречистителната станица во Кучевишка Бара наскоро ќе биде во функција

Пречистителната станица во Кучевишка Бара наскоро ќе биде во функција

584

Жителите на општина Чучер Сандево, но и на Бутел, многу наскоро, ќе добијат пречистителна станица за отпадни води која се гради во Кучевишка Бара.

Денеска, премиерот Христијан Мицкоски, заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, како и градоначалниците на општините Чучер Сандево и  Бутел, Зоран Бајовски и Дарко Костовски извршија увид на градежните активности на оваа пречистителна станица.

Бајовски информираше дека пречистителна станица засега ќе има капацитет да ги собира отпадните води од фекалната канализација за 3.000 жители, но оти во втората фаза ќе се прошири нејзиниот капацитет за 5.000 жители.

– Со изградбата на оваа пречистителна станица се решава долгогодишниот проблем на жителите во Кучевишка Бара и Бел Камен – нагласи Бајовски.

Тој додаде дека проектот чини 129 милиони денари и е финансиран од Владата преку Министерството за животна средина и просторно планирање. Дел од средствата се преку унгарскиот кредит, а остатокот преку програмата на Министерството за животната средина и просторно планирање.

– Во периодот што следува ќе се изработуваат проектите и за примарната и за секундарната мрежа. Со оваа помош и со начинот на финансирање, Владата им овозможува на општините да реализираат големи инфраструктурни проекти кои самите не би можеле да ги спроведат – изјави Бајовски.

Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Лашкоска, напомена дека изградбата на пречистителната станица започнала во октомври, 2025 година, оти нема никакви проблеми во  нејзината реализација и за многу брзо време, таа ќе биде пуштена во употреба.

Премиерот Мицкоски истакна дека продолжува реализацијата на проекти и во период кога временските услови сè уште не се најповолни, нагласувајќи дека се реализирани инвестиции во износ од 10 милијарди денари во првите два месеци од годинава и во првите пет дена од третиот месец март, што се 25 проценти од вкупните средства за капитални инвестиции предвидени за годинава.

(А. П.)   

ИЗДВОЕНИ