Од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ велат дека во рамките на категоријата ментално здравје, најчесто пријавувани поткатегории биле „стравот и вознемиреноста“ и „самоубиствените мисли и обидите за самоубиство“, при што за секоја од нив биле евидентирани по 19 случаи, односно деца што биле директно засегнати од овие состојби
Вознемирено девојче се јавило на СОС телефонската линија за деца и млади „Ало, Бушавко“ при Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“. Со доста вознемирен глас, споделило дека нејзиниот пријател подолг период зборува за самоубиство и дека планира таа ноќ да си го одземе животот. Истовремено, тој го замолил девојчето никому да не му кажува за неговите намери. Но, тоа ја изневерило неговата доверба, пред сè заради неговата безбедност, споделувајќи ја намерата со операторката на „Ало, Бушавко“. Тоа била охрабрено веднаш да се обрати на возрасно и доверливо лице, но подоцна, во потворен повик, кажало дека разговарало со својата мајка. Но, девојчето не добило поддршка од мајка си, туку напротив, било советувано од неа да не се меша. Потоа, операторката ја известила полицијата, која направила проверка и го заштитила момчето.
Ова не е единствениот повик на оваа телефонска линија во 2025 година, за кој конкретен опис даде волонтерката на „Ало, Бушавко“, Изабела Ивановска. Според извештајот за работата на СОС-телефонот за деца и млади „Ало, Бушавко“ при Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ за 2025 година, менталното здравје на децата и на младите се покажало како најголем предизвик. Притоа, бил забележан значителен пораст на бројот на деца и на млади што пријавуваат самоубиствени мисли или имаат направено обид за самоубиство, што укажува на потребата од итна и континуирана поддршка.
Како што истакнаа од „Меѓаши“, тоа било утврдено со 83 јавувања (30 %) од вкупниот број (284) повици на СОС-телефонот.
Од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ велат дека во рамките на категоријата ментално здравје, најчесто пријавувани поткатегории биле „стравот и вознемиреноста“ и „самоубиствените мисли и обидите за самоубиство“, при што за секоја од нив биле евидентирани по 19 случаи, односно деца што биле директно засегнати од овие состојби.
Овој податок укажува дека младите се соочуваат со бројни предизвици што ги надминуваат нивните капацитети за справување со нив.
– Менталното здравје и дигиталната безбедност на децата не се избор – тие се обврска на секое одговорно општество. Секој пропуштен сигнал од едно дете може да прерасне во тивка криза, затоа нашата задача не е само да реагираме туку и да слушаме навреме. А децата веќе ни зборуваат, прашањето е дали ќе ги слушнеме пред да стане нивната тишина опасна – истакна психологот Јорданка Черепналкова-Трајкоска.
Мила Дамјановска, операторка во „Ало, Бушавко“, потврди дека е зголемен бројот на деца што се јавуваат поради самоубиствени мисли или обиди за самоубиство, што е крајно загрижувачки и, како што рече, „треба да се посветиме на тоа да не им е страв на децата да кажат кога не им е добро, родителите и училиштата да се тука за нив и да ги слушаат, тие треба први да ги препознаат знаците кога не е добро детето бидејќи најмногу време поминува со нив“.
Инаку, на третото место, според застапеноста, се наоѓа поткатегоријата „проблеми со расположението“, со 13 евидентирани случаи.
– Ова дополнително го нагласува психолошкиот товар со кој се соочуваат децата и младите, како и потребата од системска поддршка и превентивни мерки насочени кон унапредување на нивното ментално здравје – велат од „Меѓаши“.
Јавувања поврзани со семејните односи имало 64 (23 %), што според „Меѓаши“, укажува на криза во семејната структура. Повредите, пак, се трет најчест проблем, со 57 јавувања (21 %). Во однос на проблемите со пристапноста, биле евидентирани 39 јавувања, додека во категоријата училишна средина имало 18 јавувања. Со најмал процент јавувања се категориите дискриминација и ексклузија (11 јавувања), физичко здравје (2 јавувања) и сексуалност (1 јавување).
Во текот на 2025 година, на „Ало, Бушавко“ имало вкупно 284 јавувања, а телефонската линија, според „Меѓаши“, се потврдила како најефикасен канал за пријавување со 227 јавувања (79,9 %) од вкупниот број јавувања, што, како што велат, укажува на преференцијата на граѓаните за директна и брза комуникација.
Преку СМС-пораки биле примени вкупно 22 дојави, а преку електронска пошта – 15 дојави.
Од вкупно 278 деца и млади што се обратиле на линијата, забележана е речиси рамномерна родова застапеност: 108 машки (39 %) и 102 женски (36 %), додека во 68 случаи (25 %) полот бил анонимен. Во однос на возраста, најзасегнати биле децата на 10 до 12 години (38 деца), а веднаш по нив оние на 13 до 15 години (33 деца) и на 7 до 9 години (27 деца). Во тековната година, забележан е зголемен број јавувања за предизвици кај лица од машкиот пол, на возраст од 7 до 15 години, најчесто од нивните родители, во својство на загрижени јавувачи, додека кај женскиот пол, најголема засегнатост има на возраст од 13 до 25 години.
Според Жарко Змијанац, в.д оперативен директор на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, поминало времето на префрлување на одговорноста за добросостојбата на децата и младите.
– Време е одговорноста „Ало, Бушавко“ – 070 390 632; 116-111 да се сподели меѓу клучните чинители во општеството, каде што децата поминуваат најмногу од времето – нагласи тој, додавајќи дека во случаи кога овие столбови на поддршка не го даваат потребното внимание и грижа, клучни се дополнителните начини, форми, механизми за поддршка како СОС-линии, групи за поддршка, младински центри, креативни и спортски активности.
(А. П.)












