Значително забрзување на поминувањето на нејфреквентниот граничен премин, зголемување на меѓудржавната доверба, но и важен исчекор во меѓудржавната соработка на патот кон доближувањето до членството во ЕУ се оцените на премиерите на Македонија и Албанија – Христијан Мицкоски и Еди Рама – на денешното отворање на системот „Едно застанување“ (One Stop Shop) на граничниот премин Ќафасан. Со ова, преминувањето на македонско-албанската граница на овој премин ќе се врши само со едно застанување, со една проверка и евидентирање. Обраќајќи се на свеченоста, македонскиот премиер Мицкоски рече дека новиот систем има големо значење за унапредување на соработката меѓу двете соседни држави.
– Очекувам овој начин на комуникација да продолжи и на другите гранични премини што ги имаме со нашиот западен сосед, Албанија, и на тој начин дополнително да ги зголемиме врските помеѓу граѓаните од двете страни на границата. А исто така, системот ќе додаде вредност и во делот што значи зголемување на туризмот и туристичкиот потенцијал што го имаат двете земји. Кога зборувам за двете земји, тука мислам на охридското крајбрежје, Охрид и Струга, како и останатите општини кои гравитираат, и секако морето во Албанија – рече премиерот Мицкоски.
Воведување на системот и на останати премини
Во 2025 година, на граничниот премин Ќафасан имало 2,3 милиони поминувања, што е повеќе од половина од вкупните поминувања на граничните премини меѓу Македонија и Албанија. Мицкоски, кој истовремено го честита празникот 22 Ноември – Денот на албанската азбука, изрази очекување ваквиот модел на соработка да биде воспоставен и на другите гранични премини со Албанија, со цел дополнително поврзување на граѓаните од двете страни на границата. Македонија, од јули 2025 година досега, има воспоставено ваков систем на граничниот премин Табановце со Србија, како и на премините Блаце и Јажинце на границата со Косово. Албанската влада во јуни донесе одлука за воспоставување ваков режим на Ќафасан. Инаку, меѓу Македонија и Албанија има уште пет гранични премини – Свети Наум, Блато, Стење, Џепиште и Мирене.

Заложба системот да се воведе и на останатите премини искажа и албанскиот премиер, Еди Рама. Според него, ова значи поедноставување на процедурата, но и поголема доверба меѓу двете земји.
– Ние имаме еден израз на албански јазик, не знам дали вие го имате на македонски: верувај, но и контролирај. Досега на овој граничен премин бевме контролирај, контролирај, но сега ќе бидеме верувај и контролирај. Воспоставувањето на овој систем е уште еден чекор во соработката меѓу двете соседни земји и кон нивното приближување до Европската Унија. Освен ова, Коридорот 8, претставува значаен проект не само на патот кон ЕУ и за НАТО туку и за поврзувањето и заедничката соработка меѓу двете држави – нагласи премиерот Рама.
Внесувањето на Бугарите во Устав е внатрешно прашање
Врзано за процесот на евроинтеграцијата на двете земји, Еди Рама рече дека никогаш не би ѝ кажувал на македонската Влада или на граѓаните што треба да направат и дека Албанија нема да биде пречка за европскиот пат на Македонија. Според него, Македонија со право се сомнева дали по внесувањето на Бугарите во Уставот повторно би се појавиле нови пречки на патот кон Европската Унија, но оцени дека уставните измени се услов што земјата треба да го исполни за да продолжи кон членство.

– Македонската страна со право се сомнева дали ќе постои уште едно вето ако го направи овој чекор да ги додаде Бугарите во Уставот. Но, од друга страна, Македонија мора да го исполни овој услов за да влезе во ЕУ. Ова е моја претпоставка, но исто така, јас, ниту Албанија, никогаш нема да го прекинам патот на Македонија кон ЕУ – истакна Рама додавајќи дека никогаш не би си дозволил да ѝ кажува на македонската Влада или на македонскиот народ што треба да направат.
Рама посочи дека неговата неодамнешна изјава за Бугарската национална телевизија во која се заложи за уставните промени во наша земја треба да се разгледува во поширок контекст, а не само преку издвоени делови.
– Тоа се внатрешни прашања на една држава. Ние сме, се разбира, свесни за реалноста, не ја игнорираме и исто така сме конструктивни и секогаш нудиме решенија за надминување на овој предизвик – рече Рама додавајќи дека неговото пријателство со Мицкоски е обострано и дека двајцата отворено и искрено ги кажуваат своите ставови. Тој е сигурен дека и двете земји „еден ден, ќе седнат на иста маса во Брисел и ќе бидат дел од Европската Унија“.
Премиерот Мицкоски оцени дека Рама дал пошироко објаснување за својот став и одговорил на дилемите поврзани со претходната изјава. Тој посочи дека дел од јавните настапи често се издвојуваат од контекстот, наместо да се разгледа целосната порака.
– Тоа се внатрешни прашања на една држава. Ние сме, се разбира, свесни за реалноста, не ја игнорираме реалноста и исто така сме конструктивни и секогаш нудиме решенија за надминување на овој предизвик – изјави Мицкоски.
Рама не сака да биде политички арбитар во Македонија
Од друга страна, Еди Рама порача дека Македонија е независна и суверена држава и дека Албанија нема да се меша во нејзините внатрешни работи, одговарајќи на новинарско прашање за судските случаи што ги оспоруваат дел од Албанците, меѓу кои и случајот „Монструм“. Тој нагласи дека не сака да биде политички арбитар во Македонија. Осврнувајќи се на односите со политичките лидери во Македонија, тој рече дека не гледа ништо спорно во пријателските контакти и со македонските и со албанските политичари.
– Не верувам дека треба да биде чудно што јас сум пријател со Ахмети, Мицкоски, а имам и други пријатели за кои вие мислите дека не ми се пријатели или, не ги знаете. Не верувам дека треба да бидам пријател само со Мицкоски или со Албанците, ова за мене е скандалозно како идеја, а не па да се постави како прашање – рече Рама во одговорот на новинарско прашање.
Премиерот Мицкоски, пак, рече дека македонското население во Пустец и околината се лојални граѓани на Република Албанија, кои истовремено ги негуваат своите национални корени и врски со својата татковина. Тој одговори на новинарско прашање врзано за неодамнешните контроверзии околу тоа дали на прославата во Пустец била интонирана албанската химна.
– Што се однесува до интонирањето на албанската химна, претпоставувам дека не сте го гледале настанот до крај. И по овој настан ќе ви доставам видео како се интонира албанската химна на настанот во Пустец. Но, денеска сме тука за еден друг настан, кој е уште еден доказ за добрососедските односи и непосредните односи што ги имаат двете држави, подвлече Мицкоски.
Тошковски: Времето на чекање од неколку часа намалено на 30 минути
Со воведувањето на овој систем се заокружува процесот на воспоставување заеднички гранични контроли со соседните држави кои не се дел од Шенген-зоната, оцени министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
– Со воведувањето на системот со Република Албанија го заокружуваме она што го започнавме со Србија и Косово – воспоставување современ модел на заеднички гранични контроли. Дека ваквиот модел дава конкретни резултати покажува и досегашното искуство со Република Србија. На граничниот премин Табановце, каде што системот беше воведен во јули 2025 година, времето на чекање во одредени периоди е намалено од неколку часа на околу 30 минути, и покрај зголемувањето на бројот на патници за 15 до 20 проценти – нагласи Тошковски.












