недела, ноември 22, 2026
Дома СПОРТ Од девојче кое не го пуштале да игра до „железна дама“ на...

Од девојче кое не го пуштале да игра до „железна дама“ на фудбалот!

1

Факт е дека кога ќе се слушне зборот фудбал, поголемиот дел од светската популација помислува дека станува збор за машка игра, но Снежана Трпевска, за која слободно може да се каже дека е главниот столб на женскиот фудбал во Македонија, повеќе од 30 години не размислува така.

Уште како мала била заљубена во машкиот спорт, во најважната споредна работа на денешницата, па трпеливо ја чекала својата шанса да покаже сè што знае и умее. Тоа и го докажа. И на мал и на голем фудбалски терен, со напредување на секое можно поле, со диплома, со УЕФА А-лиценца за тренер, а повеќе од десет години го има главниот збор во женскиот фудбалски клуб Џи-џи Скопје, од кој се изнедрија повеќе од 30 репрезентативки во сите категории.

– Откога знам за себе, на фудбалскиот терен и со фудбалот на нога сум секогаш своја, и тоа го правам со огромна љубов .Секогаш сум сакала да играм рамо до рамо со девојчињата. Но, јас сум родена во 1978 година, а тогаш постоеше само еден женски фудбалски клуб – Единство во Скопје, и бев мала за да се приклучам. Стануваше збор за сениорски клуб, немаше школа за девојчиња, па затоа бев принудена, поради љубовта кон фудбалот, да играм со момчиња. Во средината каде што растев, немаше девојчиња кои го сакаа фудбалот како мене, тоа не беше едноставно. Тогаш имаше маалски игри и требаше некое машко да ми дозволи да играм, но на почетокот не добивав шанса затоа што сум девојче. Морав и тогаш да се изборам за спортот што го сакам, но никогаш не се откажав, си чекав да ме изберат. Во меѓувреме, кога се враќав дома, секогаш со топката удирав во ѕид, си правев кругови и на тој начин работев на мојата техника. Тоа што маалските фудбалери не ме избираа, за мене беше предизвик плус да бидам технички уште подобра. Знаев дека еден ден ќе им фали играч и дека ќе дојдат моите пет минути. Тоа и се случи, им фалеше голман и ми дозволија да влезам во игра. Машките во тоа време не се плашеа од тоа да стават девојче во игра, се плашеа девојче да им даде гол. Ме ставија на гол, но во еден момент топката дојде до мене и целата таа техника, тоа тренирање излезе на виделина. Почнав да ги дриблам и им давав голови, а кога останатите момчиња го видоа тоа, решија друг да биде голман, а јас да играм.

Сосема очекувано, следниот чекор на Снеже бил да се запише во средното фискултурно училиште во Скопје.

– Се запишав таму поради фудбалот, но не играв многу и играв само со момчињата од мојот клас кога го претставувавме нашето училиште. Во тоа време, на факултетот немаше отсек за виши тренери, имаше само отсек физичко со кое можеш да бидеш само професор. Во 2001 година се формираше виша тренерска школа и јас се запишав на факултет. Тогаш ги прашав професорите каде треба да се обратам затоа што сакам да бидам фудбалски тренер. Сите професори беа зачудени, нема женски фудбал, каде ќе сум била тренер. Веднаш им кажав дека јас се запишувам за да направат таков тренер. Имавме приемен испит, но јас немав соодветен партнер за да ги реализирам задолжителните вежби што се на приемниот испит. Тогаш професорот му кажа на едно момче да ми биде партнер, не сакаа сите да бидат во пар со девојче, мислеа дека нема да успеат. За време на испитот присуствуваше и сега покојниот декан, Димитар Циев, а јас со мојот партнер најдолго си ја подававме топката со глава. Подоцна, во свечената сала, од деканот ми беше врачен индексот за најдобра на приемниот испит. Токму тој момент беше дополнителен мотив за мене да организирам турнир за да бидам колкав ќе биде интересот од женската популација. Направив промоција, гостував на радио, добив помош од деканот кој дозволи натпреварите да се играат во „СЦ Југ“. Се пријавија седум екипи, но јас знаев дека има девојчиња кои сакаат да играат фудбал и секогаш верував дека доколку има 11 девојчиња, ќе нема таква сила на планетата Земја што ќе нè сруши како жени, затоа што жените родени во Македонија се многу силни, тоа ни е во генот. Турнирот беше еден вид причина за да се вратат старите спортски работници кои помогнаа да се создаде лига во мал фудбал. Васил Штрбовски, кој беше претседател на Фудбалскиот сојуз на Скопје, ни овозможи бесплатни сали во СЦ „Кале“ и бесплатни судии. Игра седум, осум екипи, сè беше одлично организирано и тогаш му дојде редот на големиот фудбал.

Благодарение на амбицијата на Снежана, да се организира турнир во мал фудбал, денес Македонија има женска фудбалска лига.

– Можеби и на некој друг ќе му текнеше да се организира турнир во мал фудбал, но пред фактите и боговите молчат. Во Македонија се појавив јас, како жена, за да се реализира тоа. Нормално, подоцна се вклучија и други луѓе кои помогнаа, затоа што еден човек не може да направи сè сам. Во сезоната 2002/2003 се направи голем фудбал, а јас тогаш играв за ЖФК Ломбардини, првиот клуб што настапи и на европската клупска сцена. За жал, поради повредите, можев да одиграм само една полусезона, но бев презадоволна и од тоа затоа што од ништо направивме нешто. Кога гледам наназад, кога ќе се сетам на почетоците, гледам дека уште водам борба. Не сакам во Македонија на тоа да се гледа, види, девојче игра фудбал. Затоа, сега, со својот сопствен клуб ЖФК Џи-џи, учествуваме во детската лига, со генерација 2016 година, во Северен Регион Скопје, и како единствен женски клуб, играме против момчиња. Многу е важно од мали нозе да се почне со тренирање, ние не сме поразлични од мажите, и затоа е потребно да се оди чекор по чекор и со девојчињата што сакаат да играат фудбал. До пред 11 години немаше младинско-кадетски лиги, но мојот клуб беше првиот во Скопје кој се вклучи во таа лига. Тоа беше проект на ФИФА, бевме дел од развојните турнири во сезоната 2016/2017. Таквата развојна лига траеше две години, а потоа официјално стартуваше младинската-гадетска лига. Благодарение на тие лиги, многу девојчиња добија шанса да покажат што знаат, го изодеа патот што јас претходно го изгазив, нормално, на полесен начин. Во таа развојна лига игравме против клубови од Охрид, Кичево, Струга, Тетово, секој месец во различен град. Откако се формираше младинско-кадетската лига, се формираа уште неколку клубови од Скопје, и сè беше полесно, но тоа е така затоа што некој беше прв и тој некој прв го разгази снегот за другите.

Фактот дека во 2016 година постоеше само прва женска лига, беше главен повод Снежана да формира сопствен клуб.

– Тогаш постоеше само Прва лига, а тоа значеше дека фали подмладок. Ние, кои се заложивме за младинските лиги, се боревме како што знаеме и умееме, со помош и на Фудбалската федерација на Македонија, добивме дресови, копачки благодарение на проектот на ФИФА. Неколку години подоцна, во сезоната 2021/2022, имаше и Втора лига, каде што се натпреваруваше и мојот клуб. Моите девојчиња претходно играа во детска лига, па во младинско-кадетска, ги поминаа сите чекори, и со наполнети 14 години добија право за настап во Втората лига. Бевме меѓу кандидатите за влез во Првата лига, некој не го очекуваше тоа, но зад нашиот успех не се криеше некаква тајна, тоа беше генерација која се градеше четири години и резултатите си дојдоа на виделина. И големите тренери кажуваат дека генерацијата мора да биде заедно минимум четири години за да се види резултатот на зелениот терен. Јас сум среќна жена, затоа што од дете кое стоело надвор од фудбалскиот терен со топката, сега имам сопствен клуб, стојам рамо до рамо со големите, кои постојано ми ги земаат најдобрите фудбалерки, иако веќе имаме дадено повеќе од 30 фудбалерки во кадетско-младинските репрезентации и до У17. Дел од нив играле и во Првата лига, а некои играат во странство, како Симона Ребека Меијер, која игра за Вилјареал. Ева Конева игра во Малта, Мија Петровска во Бохум, Ева Величковска, Искра Смилевска и ред други.

Информацијата дека еден тренер со УЕФА А-лиценца нема некаква улога во Фудбалската федерација на Македонија звучи и повеќе од чудно.

Сите машки глави во фудбалот, оние што имаат ингеренции да носат одлуки за женскиот фудбал, треба да дозволат и женски глави во фудбалот кои ќе носат одлуки. Јас сум учела и сум завршила на ФФОСЗ, сум се стекнала со УЕФА А-лиценца, сум била на УЕФА семинар на Фарските Острови како претставник на ФФМ, мојата диплома е потпишана од истиот ментор кој ја потпишал дипломата на некој машки тренер. Спремна сум како жена да ми направат простор и во машките репрезентации, односно во академиите, затоа што нема фудбалски академии во женскиот фудбал. Добро би било актуелното раководство на ФФМ да ни даде простор и на нас, жените, кои сме се стекнале со професија која е многу ретка, малку се жените што стојат на зелениот терен. ЖФК Џи-џи е под капата на ФФМ, секоја година, откога постои клубот, е во системот на натпревари, и ние не можеме да се пожалиме од помошта што сме ја добиле од ФФМ затоа што без ФФМ немаше да постои ЖФК Џи-џи. Федерацијата стоеше зад нас, со опрема, фудбалски топки, превоз… но јас, како жена, секој ден очекувам да бидам повикана поради моите квалификации. Ние, жените, нема од што да се плашиме, затоа бараме простор, не е важно дали во машките или во женските репрезентации. Тоа го докажа Катерина Милеска, која е селектор до У17, и покажа дека не е страшно жена да води селекција.

За да се успее на зелениот терен, прво и најважно е да се стекнат спортските навики.

Моментално имаме 14-15 девојчиња во клубот и тие настапуваат во детската лига за генерација 2016. Јас по одењето знам кое девојче може да биде добра фудбалерка, го гледам тоа, и затоа имам сопствен клуб. Малку ми треба за да видам дека девојчето е родено за да игра фудбал и затоа ја имам отворено школата. Мене ми е доволно да дојдат девојчиња кои сакаат да бидат во фудбалската игра, но ако некој е роден за фудбал, не значи дека ќе успее повеќе од некое девојче кое го сака фудбалот, кое е упорно и редовно на тренинзите. Тоа може да постигне подобар резултат од она што е родено за фудбал. Мојот пристап како професионалец е ист, без разлика дали е родено за фудбал или е просечен играч, мора прво да се стекне со спортските навики без кои фудбалот не може да постои. Со таквите навики нема да биде пример само во клубот туку ќе биде пример и таму каде што живее, во училиштето, кај врсниците. Најголемиот успех на еден тренер е да привлече што е можно повеќе девојчиња од најмала возраст, да не им направиме дискриминација и деградација, кај децата има природна селекција, самото дете ќе знае дали е за на фудбалски терен. Сакам детето кога е на терен да има чувство на припадност, не да биде отфрлено, тоа е во клубот од различни причини. Преку клубот, ние директно влијаеме врз подигнувањето на свеста за значењето на фудбалот што го играат жените. Јас имам многу херои што излегле од мојот клуб, кај кои сум разбудила некоја Снежана. Моите деца, без разлика за кој клуб играат сега, не може да не бидат препознаени дека се деца на Снежана. За крај, не смее да се заборави дека веќе 10 години една жена стои зад еден фудбалски клуб, и покрај сите опструкции, и таа жена никогаш нема да се предаде.

ИЗДВОЕНИ