Самиот мјузикл има една многу важна порака – дека нашата одлука и вербата одлучуваат дали е Скопје крајот или почетокот на светот. Мјузиклот ја носи и важната порака, дека не е доволно човекот да сонува, тој мора да се бори, да верува за да ги оствари своите соништа, посочи на денешната прес- конференција Дејан Пројковски, режисерот на македонскиот мјузикл „Као какао“, чија премиера на 2 јуни (20.30 часот) на сцената на Македонскиот народен театар е најавена како – спектакл
– Мјузиклот „Као какао“ го носи духот на старото Скопје, она Скопје за кое постојано се зборува. Сите заедно ја создадовме таа магија, ја создадовме душата на старото Скопје, а тоа се луѓето. И мислам дека тој хумор, таа љубов, таа посветеност, таа верба ја има во овој мјузикл, кажа на денешната прес-конференција Дејан Пројковски, режисерот на македонскиот мјузикл „Као какао“, чија премиера на 2 јуни (20.30 часот) на сцената на Македонскиот народен театар е најавена како – спектакл.
Текстот за мјузиклот „Као какао“, инспириран од музиката на Влатко Стефановски, автор чиј звук со децении е дел од музичката меморија на публиката, го напиша Венко Андоновски. Во претставата се вклучени избрани композиции, кои добиваат нов живот преку аранжманите подготвени специјално за оваа продукција.
Пројковски додаде дека изминатите четири месеци се случувал возбудлив и креативен процес за да се изгради структурата на овој мјузикл, почнувајќи од текстот на Венко, потоа заедно со сите соработници, со авторскиот тим и со актерската екипа во која учествуваат
Владимир Петровиќ, Катерина Јовановиќ, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Рубенс Муратовски, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Јордан Симонов, Антонио Ташковски, Дениз Абдула, Јована Миладинова, Тања Кочовска, Јована Спасиќ, Димитар Паскоски, Илин Јовановски, Анастасија Трајковска, Тодор Стојковски, Бранко Михајловски, Леонида Гулевска, Ѓорге Нешковиќ, Анастасија Митровска.
– Како што вели и ликот што го игра Рубен Муратовски, всушност, многу е важно во животот од гасеница човек да стане пеперутка, бидејќи останатите луѓе се раѓаат и умираат како гасеници. Тоа е и лајтмотивот, бидејќи самиот мјузикл има една многу важна порака – дека нашата одлука и вербата одлучуваат дали е Скопје крајот или почетокот на светот. Мјузиклот ја носи важната порака, дека не е доволно човекот да сонува, тој мора да се бори, да верува за да ги оствари своите соништа, посочи Пројковски. Тој додаде дека „Као Какао“ е културен производ на кој ќе се радуваме сите заедно.
Нашиот светски познат гитарист и музичар, Влатко Стефановски, пак, истакна дека во Македонија, потенцијалите се големи.
– Талентот е многу поголем отколку што е реализацијата. И би било добро да се случи реализација која парира на тој огромен број таленти кои ги имаме, мислам на младата генерација актери, пејачи, аранжери, луѓе образовани, многу талентирани, а притоа и со голема страст и желба за живот. Бев одушевен од првата проба. Многу е возбудливо да се гледа како расте еден проект, посебно еден мјузикл, кој во себе ги интегрира сите можни театарски жанрови. Многу сум пријатно возбуден околу растењето на овој проект и се надевам дека на самата премиера и, евентуално, и на претпремиерата, и на сите репризи што ќе следуваат, овој проект ќе ни носи само радост. Затоа што е во прашање голема енергија, голема енергија собрана заедно. Навистина очекувам спектакуларна премиера, посочи Стефановски, кој додаде дека околу 20 песни, со рефрени и парчиња ќе бидат застапени во мјузиклот.
Продуцентот Владимир Мандичевски од „Баги Комуникации“, пак, истакна дека станува збор за сериозен, голем и обемен проект со голем тим.
– Создадовме тим кој е спој на младост и на ентузијазам, кои со себе ги носат младите актери и музичари, и од друга страна врвни професионалци, неколку од најдобрите луѓе што театарот и музиката ги имаат во Македонија во овој момент. Сето тоа резултира со многу успешна работа. Ова особено може да се види на секојдневните проби. Една неверојатна енергија и желба за работа која ретко се гледа во подготовка на вакви и слични големи проекти, кажа Мандичевски, истакнувајќи дека станува збор за еден исклучителен македонски извозен културен продукт.
– Музиката на Влатко Стефановски е ценета насекаде и ние сме во моментов во сериозни преговори и договори со букери, агенции, институции низ Балканот, а и надвор од Балканот, да го претставиме „Као какао“ надвор, додаде Мандичевски.
Актерот Рубенс Муратовски рече дека на оваа екипа ѝ дал бланко доверба, а Тања Кочовска дека актерите кои учествуваат во претставата и играат и пеат и се извонредни во тоа.
– Успехот на овој мјузикл ќе биде неминовен. Јас навистина се радувам кога ги гледам, само не можам да им се придружам оти имам ишијас“, кажа низ смеа Кочовска.
Актерката Катерина Јовановиќ истакна дека овој мјузикл ѝ е остварување на сонот, додека за Владимир Петровиќ улогата што ја има е најспецифичната во неговата кариера.
Аранжманите ги потпишува Бобан Мирковски, кореографијата е на Олга Панго, а сценографијата на Валентин Светозарев. Костимографијата е на Марија Пупучевска, додека вокален ментор е Ана Костадиновска. Асистент кореограф е Ирена Лозинска, а асистент костимограф Марија Ѓоргиевска.
Продуцент на проектот е „Баги комуникации“, во копродукција со Македонскиот народен театар. Следните претстави се на 3, 12 и 13 јуни. (Д. Т.) Фото: П.Стојановски












