Ако ги знаете народните македонски песни „Распукала Шар Планина“ и „Мала ќе ти е Шар Планина“, тогаш ќе се согласите со нас дека така ќе биде во Тетово на 22 мај, кога со своето моќно ангелско пеење ќе загрми популарната поп-пејачка Бојана Скендеровски. Неа ја знаеме и како успешна водителка на ТВ-емисијата „Улица Македонија“, која траеше цели четири сезони. А, овој концерт навистина ќе биде коктел од убавина, бидејќи ќе биде еден ден по верскиот празник Спасовден.
Бојана, со почеток во 20:00 часот, на сцената на Домот на културата „Иљо Антевски-Смок“, ќе ни ги испее сите свои хитови што ги има снимено во поп-музиката. Концертот се одржува под мотото „Глас што се чувствува, вечер што се памети“.
Публиката ја очекува вечер исполнета со прекрасна музика, искрени емоции и со песни што оставиле белег низ годините. Бојана подготвува концерт што нема да биде само класичен музички настап туку и емотивна музичка средба со публиката, која секогаш ѝ враќа со љубов. Секое ракоплескање по испеана песна е дел од едно особено доживување.
– Многу сум нестрплива да запеам и во Тетово, по оние мои прекрасни солистички концерти во Скопје и во Штип. Како на тие концерти така и на овој, тетовскиот, ќе ѝ ја пренесам мојата позитивна енергија на публиката, нешто што сум сигурна дека ќе се памети – вели расположената Бојана за весникот ВЕЧЕР.
–
Картите се по симболична цена од 400 денари, за да бидат достапни за секого, во продажба се, а бројот на места во салата е ограничен. Исто така, ќе ја видиме снимката од концертот на малите ТВ-екрани, во еден од наредните соодветни термини. Останува да уживаме во убавите песни со нашата распеана Бојана.
(Д. Миќиќ)












