– За мене, како градоначалник, заштитата на Водно и обновата на местата каде што скопјани се собираат и се одмораат се меѓу најважните приоритети. Изминатиов период работевме на уредување на влезот кон жичницата и изградивме ново детско катче. Водно го доби својот нов лик. Ги обновивме клупите, кантите за отпадоци и летниковците, а дрвените елементи ги освеживме со нова боја – изјави скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски

Град Скопје изминатиов период реализирал повеќе активности насочени кон уредувањето на влезот кон жичницата на Средно Водно. Освен тоа, скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека е поставено и ново детско катче, а обновени се и клупите, кантите за отпадоци и летниковците.

– За илјадници скопјани, Водно е дел од животот. Тука доаѓаме на прошетка по работниот ден, а за викенд тргнуваме по патеките со семејството и со пријателите. Затоа, за мене како градоначалник, заштитата на Водно и обновата на местата каде што скопјани се собираат и се одмораат се меѓу најважните приоритети. Изминатиов период работевме на уредување на влезот кон жичницата и изградивме ново детско катче. Водно го доби својот нов лик. Ги обновивме клупите, кантите за отпадоци и летниковците, а дрвените елементи ги освеживме со нова боја – изјави Ѓорѓиевски.

Градоначалникот додаде дека претходно е поставен и нов асфалт на патот кон Средно Водно и дека првпат е поставено ЛЕД-осветлување. Дополнително, изграден е и моторички парк, каде што децата низ игра на отворено можат да вежбаат рамнотежа и координација.

Ѓорѓиевски апелираше граѓаните да внимаваат каде го оставаат отпадот, да ги чуваат дрвјата и сето она што е направено за сите.

– Да го оставиме Водно чисто по секоја прошетка и зелено за секоја следна генерација – порача првиот човек на Градот.

Тој изрази благодарност до општествено одговорната компанија за поддршката во уредувањето на овој простор.

Градоначалникот Ѓорѓиевски, истакна и дека по години негрижа, темелно е исчистен подвозникот на булеварот „Гоце Делчев“, кај поранешната стоковна куќа „Мост“.

– Чистиот коловоз значи побезбедно возење за секој што минува оттука. Доволно е една кеса да заврши на шофершајбната или едно шише да се стркала пред мотоциклист за нечија неодговорност да загрози друг човек – наведе Ѓорѓиевски.

Тој ги предупреди возачите и сопатниците да не фрлаат отпад од прозорците.

– Тоа е мал гест со кој покажуваме почит и кон оние што возат зад нас и кон луѓето што секојдневно ги чистат нашите улици. Грижата за Скопје е секојдневна. Ние ќе продолжиме да го чистиме. Да го чуваме заедно – заклучи Ѓорѓиевски.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ