Американскиот пратеник Џаред Кушнер денеска изјави дека Вашингтон се залага за иден европски безбедносен рамковен систем во кој Русија ќе биде уверена дека НАТО не бара конфронтација, а Алијансата ќе добие гаранција од Москва дека таа ќе го почитува суверенитетот и безбедноста на своите соседи.
„Се стремиме кон иднина во која Украина е безбедна, Европа е посилна, Русија е уверена дека НАТО не бара конфронтација, а НАТО и неговите партнери знаат дека Русија ќе го почитува суверенитетот и безбедноста на своите соседи. За ова се потребни јасни изјави за намерите“, напиша Кушнер на социјалната мрежа „Икс“.
Тој оцени дека подготвеноста на Русија да разговара за безбедносни гаранции за Украина претставува значаен чекор напред и потенцијален показател дека Москва сериозно пристапува кон постигнување мир.
Според него, целта на САД е да ги зајакнат постојните европски безбедносни институции и да развијат поефективни механизми за спречување идни конфликти – вклучително и постојани канали за консултации, кризна комуникација, воено разграничување (спречување инциденти), поголема транспарентност и реципрочни мерки за деескалација.
Кушнер додаде дека работи на изготвување конкретни и јасно документирани гаранции заедно со Специјалниот пратеник за мировни мисии, Стив Виткоф, но нагласи дека секоја предложена гаранција ќе бара одобрување од американскиот претседател Доналд Трамп, во согласност со уставните и конгресните процедури.
„Тој би презел таков чекор само доколку верува дека тоа јасно им служи на американските национални интереси и дека пошироките безбедносни аранжмани ја прават крајно неверојатна потребата за евентуално активирање на таа гаранција“, истакна Кушнер.
Тој најави дека во текот на наредните недели, американската страна ќе работи – преку приватни разговори и мултилатерални дискусии во кои ќе бидат вклучени Украина, европските партнери и Русија – на постигнување заедничко разбирање за новата безбедносна архитектура. Понатаму, тој напомена дека завршувањето на војната би овозможило стотици милијарди долари да се насочат кон економски раст, инфраструктура и отворање нови работни места.












