понеделник, јуни 8, 2026
Дома СКОПСКА Полуматурска забава за деветтоодделенците од Кисела Вода

Полуматурска забава за деветтоодделенците од Кисела Вода

13

Под мотото „Спремни за средно!“, в среда, деветтоодделенците од општина Кисела Вода ќе имаат своја голема и бесплатна полуматурска забава. Забавата ќе се одржи на 10 јуни со почеток во 20 часот во спортската сала „Независна Македонија“ при основното училиште „Невена Георгиева Дуња“ и ќе трае до 23 часот и 30 минути. За одличната атмосфера ќе се погрижат популарното дуо „2 Бона“ и диџеј Марио Трампет, а ќе има настапи и од самите ученици.

Настанот е во организација на Општина Кисела Вода, која им овозможи на сите 560 ученици кои го завршуваат основното образование заеднички да го прослават крајот на деветте изминати училишни години.

– Ова е втора година како се одржува ваква бесплатна полуматурска прослава за деветтоодделенците од Кисела Вода. Годинашниот концепт за прославата произлезе директно од самите ученици. Градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска претходно оствари средба со претставниците на полуматурантите од сите основни училишта за да ги сослуша нивните идеи и желби, со цел настанот да биде осмислен исклучиво преку нивната призма и реализиран според нивните замисли – соопштија од Општина  Кисела Вода.

Градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска истакна дека Општина Кисела Вода ги третира младите како сериозни соговорници чие мислење мора да се вреднува.

– Сакав да ги слушнам директно нив, нивните очекувања, идеите и креативноста што ја носат. Овие млади луѓе покажаа извонредна зрелост во предлозите за тоа како да ја одбележат својата полуматура. Нашата задача како институција е да им дадеме простор да одлучуваат за прашањата што ги засегаат и да овозможиме нивните визии за заедничка прослава да станат реалност. Се надевам дека одлично ќе си поминат в среда и дека од ова дружење ќе понесат најубави спомени кои ќе ги паметат долго, пред да зачекорат во новите предизвици од средношколските денови-изјави Стаменкоска-Трајкоска.

 

ИЗДВОЕНИ