петок, октомври 30, 2026
Дома СВЕТ Меркел: Време е Германија да добие жена претседател

Меркел: Време е Германија да добие жена претседател

0
Фото: EPA/CARLOS M. ALMEIDA

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел изјави дека, за првпат во својата историја, Германија треба да добие жена претседател. Таа се заложи на местото на актуелниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, чиј втор петгодишен мандат завршува во март следната година, да дојде жена.

„Во 77-годишната историја на Сојузна Република Германија, никогаш немавме жена претседател“, рече Меркел во интервју за „Магента ТВ“ (MagentaTV). Гостувајќи во емисијата *Bestbesetzung*, поранешната канцеларка – која е членка на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) – сугерираше дека секој треба да се запраша дали конечно дошло времето за тоа. „Познавам жени кои би можеле да ја извршуваат таа функција“, истакна Меркел, иако одби да прецизира на кого точно мисли.

Новиот германски претседател ќе биде избран на 30 јануари од страна на Сојузното собрание (*Bundesversammlung*) – посебно уставно тело што се свикува на секои пет години, исклучиво за избор на шефот на државата. Маркус Зедер, лидер на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) – баварската сестринска партија на ЦДУ – веќе со месеци се залага Илзе Ајгнер, претседателката на баварскиот покраински парламент, да го наследи Штајнмајер.

Меѓу другите имиња што се споменуваат во конзервативниот блок се Јулија Клекнер (висока функционерка во ЦДУ), министерката за образование Карин Прин и поранешната претседателка на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер, пренесе „Хина“.

ИЗДВОЕНИ