Раперот Балендра Шах (35), поранешен градоначалник на Катманду, стана најмладиот премиер на Непал во последните децении и првиот Мадеси кој ја предводи земјата сместена меѓу Индија и Кина, објави Ројтерс.
Неговата партија Растрија Сватантра (RSP) освои 182 од 275 места во парламентот на изборите на 5 март, првото гласање по антикорупциските протести на Генерацијата З, во кои загинаа 76 лица минатиот септември. Аналитичарите велат дека прв приоритет на Шах е да им обезбеди услуги на граѓаните на транспарентен и брз начин, вклучително и спроведување на препораките на панелот што истражува насилство за време на протестите и гонење на одговорните, вклучувајќи го и поранешниот премиер К. П. Шарма Оли.
Протестите беа предизвикани од недостаток на работни места и корупција, при што една третина од населението живее во сиромаштија, а илјадници луѓе секојдневно заминуваат на привремена работа во странство.
Политичката нестабилност е долгогодишен проблем – Непал имаше 32 влади од 1990 година, од кои ниту една не заврши петгодишен мандат.
Непалската Конгресна партија освои 38 места, станувајќи втора најголема политичка сила во парламентот, додека Комунистичката партија на Непал (Обединета марксистичко-ленинистичка) контролира 25 места. Претходниот претседател на Врховниот суд, Сушила Карки, ја водеше земјата низ преодниот период што доведе до изборите.












