Националниот „Поетски слем Македонија 2026“, годинава, по 16. пат ќе се одржи од денеска (8-ми) до 11 октомври во Прилеп. Литературната манифестација е во организација на Театарска работилница – Прилеп, а ќе се отвори денеска во 18:30 часот во галеријата на ЦК „Марко Цепенков“ со изложба на ДЛУМ – Битола. На истата локација ќе се одржи и поетската монодрама „Лидија или сѐ што знам за жените“, со почеток во 20 часот.
Оваа година, за титулата национален претставник, ќе се натпреваруваат дваесетина учесници и учеснички од различни возрасти и со уникатни стилови на изразување и творење, кои доаѓаат од цела Македонија. Учесници се Бобан Богатиновски, Лиле Јовановска, Тања Кузманоска, Билјана Павлеска, Виктор Спасески, Жане Гудеска, Јулијана Маринковиќ, Маја Малиновска, Марија Грубор, Наталија Наумовска Велковска, Стефанија Граовац, Тони Павлески, Лилјана Сливоска, Елена Пренџова, Игор Трпчески. Годинава директно во финаленото влегоа Валерија Дамчевска, Матеј Петров и Јован Лешев, кои добија најмногу бодови на настанот по повод Светскиот ден на слемот, кој се одржа на 26 септември во Скопје. Специјални гости годинава се поетесите Елијане Бутелане и Наташа Сокре од Мозамбик, Африка.
На деветти октомври во кафулето „Долапче“ во 18 часот ќе се одржи промоција на збирка поезија на хаику, хаига и задачи за креативно пишување од Елена Пренџова, а промоторка ќе биде Катарина Фиаменго од Србија. Потоа, во клубот „Дипломатик“ од 19 часот ќе се одржат промоции на две збирки поезија од авторките Александра Јуруковска и Сузана Мицевска, а промотор ќе биде Звонко Димоски. Во киното „Мис Стон“ од 20 часот, пак, ќе настапат специјалните гостинки од Африка, Елијане Бутелане и Наташа Сокре, по што ќе се одржи полуфиналето во слем. Третиот фестивалски ден ќе се одржат неколку поетски промоции на книги, како и главното слем-натпреварување. Промоција на збирка поезија од Марија Грубор, чија промоторка ќе биде Елена Пренџова, ќе се одржи во клуб „Дипломатик“ во 18 часот. Слем-карванот ќе почне на прилепскиот плоштад (кај Саатот) и ќе се движи до ЦК „Марко Цепенков“. Ќе се одржи и промоција на книгата „Како паѓаме јас и ти“ од Ненад Јолдески, а промотор ќе биде Ѓоко Здравески. Главното слем-финале е во киното „Мис Стон“ од 21 часот, по што следува концертна промоција на збирката „Пружини“ од Пијан Славеј, заедно со „Хот џез оркестра“. Последниот фестивалски ден (11 октомври) учесниците ќе имаат можност да присуствуваат на литургија во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец, каде што потоа ќе се одржи и поетско читање. Вечерта ќе е посветена на поезијата на Тихомир Јанчовски, настан што ќе се одржи во вилата „Ана Плетварска“ со почеток во 19:30 часот.
„Поетски слем Македонија“ досега има испратено 11 национални претставнички и претставници на Европското слем-првенство, како и двајца претставници на Светското слем-првенство. Годинашниот победник ќе ја претставува Македонија на Европското слем-првенство, со можност и на Светското. Дизајнот на плакатот е на уметникот Владимир Лукаш.












