Денеска, во 22:00 часот по локално време, Иран ќе ја почне тридневната церемонија во спомен на ајатолахот Али Хамнеи, кој беше убиен во саботата, кога почна американско-израелскиот напад на Иран. Церемонијата се одржува во местото за молитва на имамот Хамнеи во Техеран, објавија државните медиуми, а шефот на Советот рече дека планирањето на организацијата на погребот на Хамнеи е во тек. Исто така, течат и 40. дена жалост по 86-годишниот убиен ајатолах, кој владееше со Иран во последните три децении, со што се вброи меѓу светските владетели со најдолг „стаж“.
Истиот ден, повеќе медиуми објавија дека е избран негов наследник, но до затворањето на весникот, не беше потврдено тоа.
„Иран интернешнл“, повикувајќи се на свои извори, објави дека нов врховен лидер на Иран е синот на Али Хамнеи, 55-годишниот Моџтаба Хамнеи. Попладнето кога се прошири, оваа информација ја демантираше иранскиот амбасадор во Србија, Садек Фазли, во изјава за РТС. Тој рече дека со државата раководи привремен Совет, а изборот на нов водач го саботираат САД и Израел, напаѓајќи локации за кои мислат дека се место на состанокот. Амбасадорот објаснува дека изборот на нов врховен водач е процес што е предвиден со иранскиот Устав.
– Состаноците на Советот се во тек, а Советот разгледува неколку имиња што се сметаат за можни кандидати, но сè уште не ја објавил својата одлука, па затоа нема разговор за ново име додека не одлучат – рече тој во средата.
Во секој случај, Моџтаба Хамнеи го наведуваат како фаворит. Тој се смета за моќна фигура во сенка, една од највлијателните личности во владејачкиот систем на Иран и покрај тоа што ретко се појавуваше во јавноста. Со години работеше од канцеларијата на врховниот лидер, служејќи како чувар на портата и брокер за моќ околу својот татко. Д-р Ерик Мандел, директор на Блискоисточната политичка и информациска мрежа, изјави за „Иран интернешнл“ дека Моџтаба долго време бил централна, но проѕирна фигура во структурата на моќ во Техеран. За клучен извор на неговото влијание се сметаат неговите блиски врски со Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ).
За неговиот приватен живот малку се знае. Познато е дека се лекувал од импотенција во Англија, бидејќи семејството му правело притисок да добие деца, по што му се родил син, кој го носи името Али, како неговиот татко. Се претпоставува дека неговата сопруга била убиена во америкнаско-израелскиот напад на Иран.
Моџтаба Хамнеи се смета за еден од најбогатите луѓе во Иран, а некои претпоставуваат дека, можеби, е и милијардер. Се верува и дека има развиено глобална шема за перење пари, која се проценува на неколку милијарди долари.
Наследникот на Али Хамнеи, кого и да изберат, е под закана на Израел дека ќе биде елиминиран.












