Пресуди, истраги, мерки, пријави… долга листа на криминално поведение имал Стојанче Јовановски, сопругот на 31-годишната Ивана, која се фрли од зградата со детето в раце, по што двете починаа на самото место. Јовановски се наоѓа во затворот „Шутка“, откако судот му определи краткотраен притвор заради собирање на доказите против него за три кривични дела: наведување на самоубиство, телесна повреда и загрозување на сигурноста. Од ОЈО Скопје информираат дека се обезбедуваат снимки од камерите од објектите каде што се движела починатата, а на една од нив МВР потврди дека се гледа како тој ја удира Ивана.
Полицијата вети брза истрага, а јавноста со денови е вознемирена од чинот што го направи младата мајка која преживувала семејно насилство од сопругот. Извори од истрагата за весникот ВЕЧЕР велат дека пред Ивана да се фрли од балконот носејќи ја со себе и ќерката в раце, Стојанче Јовановски, заедно со уште едно лице, бил пред влезот на зградата, од каде што се расправале. Таа била заклучена однатре, така стои во официјалното соопштение на Обвинителството. Два часа претходно, на друга локација, починатата пријавила во полиција насилство од сопругот со кој била во фаза на развод, но кога стигнале полицајците, таа се откажала од пријавата велејќи дека немало физички контакт и оти работата ќе ја реши по мирен пат, соопштија од МВР.
Јовановски бил пријавуван и од соседите на зградата од каде што се фрли неговата жена со малолетната ќерка. Според полициските записници, имал повеќе од десет пријави за семејно насилство. Во ОЈО Скопје, против него се водела истрага за трговија со дрога, најдена во багажникот од неговиот автомобил, и за насилства врз други лица, а бил и под мерки за пријавување. Два пати бил осудуван за насилство, од кои едната правосилна пресуда била за напад врз полицаец.
„Согласно со активната казнена евиденција на Кривичниот суд, лицето има две
правосилни пресуди. Првата е К.530/25 за кривично дело од чл. 383 ст.1, односно напад врз службено лице при вршење работи на безбедност со која е осуден на парична казна од 150 евра, и оваа пресуда е потврдена од
Апелациониот суд Скопје, а втората пресуда е К.1156/23 за кривично дело од чл. 386 ст.3 односно насилство, со која му е изречена Условна осуда со заштитен надзор од 1 година и 6 месеци затвор, казна која нема да се реализира доколку во
следните 4 години не стори ново кривично дело, пресуда која е, исто така,
потврдена од Апелациониот суд Скопје, велат од Основниот суд Скопје. (П. А.)
Два нови случаи на семејно насилство во Скопје
Двајца мажи, во два одвоени случаи, завршија во полициска станица на разговор, откако биле пријавени за физички напад над сопругата во едниот, односно екссопругата во вториот случај.
– На 04.03.2026 во 10:30 часот, во ПС Кисела Вода, полициски службеници извршија службен разговор со А. К. (39) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека на 03.03.2026 околу 23:30 часот, во домот на подрачјето на Бит-пазар, физички ја нападнал својата 22-годишна сопруга. Истиот ден, полициски службеници од СВР Скопје извршија службен разговор со И. Б. (49) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека на 01.03.2026 околу 19:30 часот во домот во Скопско, физички ја нападнал својата 40-годишна поранешна сопруга, информира МВР.
Министерот Панче Тошковски најави дека секој пријавен за семејно насилство, без разлика од каде доаѓа пријавата, ќе биде викнат на информативен разговор во полициска станица.












