– Оваа селекција не е само репертоар на актуелни остварувања туку и куриран простор за критичко преиспитување на авторскиот филм, неговата општествена релевантност и неговата способност да го артикулира искуството на поединецот во контекст на колективните историски, културни и емотивни трауми на регионот – посочуваат од Кинотеката на Македонија за мартовската програма на оваа институција

Во фокусот на програмата на Кинотеката на Македонија во март се филмови што, преку различни естетски пристапи и наративни стратегии, го обработуваат прашањето на идентитетот – личен, семеен и општествен.

Како што истакнуваат од оваа институција, Кинотеката овој месец ја обликува својата програма како промислен и концептуално заокружен циклус на проекции посветени на современите регионални продукции и нивните дијалози со пошироките европски и светски филмски традиции.

– Оваа селекција не е само репертоар на актуелни остварувања туку и куриран простор за критичко преиспитување на авторскиот филм, неговата општествена релевантност и неговата способност да го артикулира искуството на поединецот во контекст на колективните историски, културни и емотивни трауми на регионот – додаваат оттаму.

„Јас сум Невенка“

Притоа, на 7 март, во 20:00 часот, по повод Денот на жената, публиката ќе може да го проследи шпанскиот филм „Јас сум Невенка“ (2024) на Исијар Бољаин, награден на фестивалот „Сан Себастијан“. Филмот е инспириран од вистинска приказна. Невенка Фернандез, советничка во Градското собрание на Понферада, е сексуално вознемирувана од градоначалникот – моќен човек навикнат да ја наметнува својата волја и на политички и на личен план. Кога поднесува тужба против својот претпоставен, иако свесна за цената што ќе ја плати, младата жена се соочува со жестока осуда од средината. Нејзината истрајност ќе стане пример за многу жени во нивната борба против злоупотребата на работното место во Шпанија. Проекцијата е со слободен влез и е во организација на Амбасадата на Кралството Шпанија во Македонија.

Во рамките на програмата во март (од 18 до 21) ќе може да се погледне и моќната драма „Сентиментална вредност“ („Sentimental Value“) на Јоаким Трир, суптилна и емотивна приказна за остарен филмски режисер и за неговата отуѓена ќерка актерка, која отвора прашања за уметноста, семејството и за помирувањето. На 38. издание на Европските филмски награди во Берлин, филмот беше прогласен за најдобар европски филм, освојувајќи вкупно шест награди.

„Приказната за Силјан“ 

И овој месец, Кинотеката продолжува да го прикажува документарецот „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска (13, 16 и 17 март). Преку својот препознатлив сензибилитет за човечката ранливост и односот меѓу човекот и средината, Котевска создава филм што функционира како поетска рефлексија за корените и нивното значење во современиот контекст.

Уредникот на филмска програма, Бојан Станишиќ, месецов го поместува и филмот „Мајка“ на Теона Стругар-Митевска (23 март). Режисерскиот пристап на Митевска е остар, но емпатичен, создавајќи филм што истовремено провоцира, вознемирува и повикува на солидарност и отворајќи прашања за телото, изборот и за општествените притисоци што се впишуваат во интимните простори на женското искуство, велат од Кинотеката.

Публиката повторно ќе има можност да го види и „Утре наутро“ (23 март) во режија на Јани Бојаџи, интимен портрет на современиот човек заглавен меѓу инерцијата на секојдневието и тивката, но упорна потреба за промена. Филмот, со суптилна режисерска рака, ја истражува кревката линија меѓу надежта и разочарувањето, при што секојдневните гестови и погледи стануваат носители на подлабоки егзистенцијални дилеми и на неми внатрешни конфликти.

„Нов бран“

Кулминацијата на програмата доаѓа со проекцијата на „Нов бран“ (Nouvelle Vague) во режија на Ричард Линклатер (26 март), интелигентен омаж на еден од највлијателните периоди во историјата на европската кинематографија, кога младите автори радикално ги преиспитуваа формата, нарацијата и односот меѓу филмот и реалноста.

Како што посочуваат од Кинотеката, програмата во март ги поврзува интимните приказни на регионалните автори со историските пресврти на европската кинематографија, создавајќи простор за дијалог меѓу различни генерации, поетики и културни искуства.

Монографија за седум децении филмски плакат во Македонија

Неодамна, во Кинотеката се одржа промоција на монографијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“. На настанот се обрати директорот на Кинотеката, Бошко Грујоски, како и промоторите на изданието, Јане Алтипармаков и Саша Станишиќ, кои ја истакнаа важноста на филмскиот плакат како неразделен дел од националната кинематографија и визуелната култура. Промоцијата претставуваше значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија.

Монографијата нуди богата и внимателно селектирана збирка од највпечатливите и најистакнати плакати создадени во периодот од 1952 до 2022 година, претставувајќи своевидна визуелна хроника на македонската филмска уметност, графичкиот дизајн и естетските тенденции низ времето. Изданието не само што ја документира еволуцијата на филмскиот плакат туку и сведочи за креативната енергија и за авторскиот печат на генерациите уметници што преку визуелниот јазик го обликувале идентитетот на македонскиот филм.

ИЗДВОЕНИ