Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, заедно со заменик-градоначалникот на Карпош, Неделчо Крстевски, денеска го означија почетокот на реконструкцијата на улица „Загрепска“, една од важните сообраќајни артерии во Карпош, која секојдневно ја користат илјадници граѓани.
Предвидена е целосна санација и уредување на коловозот, со цел да се обезбеди побезбеден, поквалитетен и подолготраен сообраќаен пристап. Дополнително, ќе се изгради и потпорен ѕид во должина од околу 50 метри и висина од околу 4 метри, со што ќе се зајакне стабилноста на теренот, ќе се зголеми безбедноста и ќе се спречат идни оштетувања и ризици на овој потег.
Ѓорѓиевски наведе дека оваа улица има особено значење не само за жителите на Карпош туку и за сите кои гравитираат кон овој дел од градот, особено имајќи предвид дека токму тука се наоѓа Институтот за респираторни заболувања кај децата – Козле.
–Безбеден, функционален и достоинствен пристап до ваква значајна здравствена установа не е луксуз, туку обврска. Станува збор за улица која со години беше во исклучително лоша состојба и чија реконструкција одамна беше неопходна. Конечно, почнува решавањето на овој реален проблем кој предолго ги оптоваруваше граѓаните – истакна тој.
Ѓорѓиевски ги спомена сериозните капитални проекти за Карпош, меѓу кои: мостот на улицата „Љубљанска“ кој, како што рече веќе е во напредна фаза.
–Проект кој со години беше закочен и за многумина изгледаше речиси невозможно да биде пуштен во функција, денес е одблокиран и се реализира со засилена динамика.
–Ја добивме потребната согласност од Конзерваторскиот центар, а на терен веќе се градат потпорните ѕидови, што е уште еден важен чекор поблиску до финалното пуштање во употреба на мостот и изградбата на улицата која значително ќе го намали сообраќајниот хаос во овој дел од градот – нагласи Ѓорѓиевски.
Воедно, тој рече дека интензивно се работи и на клучката „Момин Поток“.
–Се градат три моста, асфалтиран е дел од трасата, а наскоро продолжуваме и со изградба на другиот дел од мостот на Серава, како и со реконструкција на целиот потег. Карпош ќе добие и голем парк од околу 70.000 квадратни метри, на потегот помеѓу булеварот „Илинден“ и „Љубљанска“. Тоа ќе биде ново зелено катче за сите генерации, простор за рекреација, спорт, одмор и дружење. Со овој проект ќе го вратиме животот во еден заборавен дел од градското ткиво и ќе создадеме нова вредност за Карпош и за цело Скопје – најави скопскиот градоначалник.












