Морална дилема во јавноста предизвика случајот со шестемина млади луѓе од Битола, кои на социјалните мрежи креирале лажен профил на малолетна девојка и договарале возрасни мажи на закажани средби, по што ги компромитирале со снимките. Година и пол дејствувале по групи каде што „ловеле“ потенцијални педофили, а четворица се пријавиле во полиција како нивни жртви.
–По пристигнување на договорените локации, оштетените биле пресретнувани од членовите на групата, снимани без нивна согласност, навредувани, омаловажувани, психички малтретирани и принудувани да даваат изјави дека се педофили, а создадените видеозаписи и нивните лични податоци биле јавно објавувани на социјални мрежи, со што кај оштетените предизвикале чувство на страв, понижување и загрозување на нивната сигурност, вели портпаролката Сања Стаматова од СВР Битола.
Станува збор за група на млади од 15 до 22 години, а по приведувањето, полицијата им поднесе кривични пријави за „насилство“, „злоупотреба на лични податоци“, „неовластено снимање“ и „самовластие“.
Дел од адвокатите не се согласуваат со низата кривична одговорност со која ги товари битолската полиција. Јанаки Митровски вели дека сработиле она што МВР треба да го прави.
„И генијалциве ги пријавуваат за насилство (треба да се докаже), злоупотреба на лични податоци (кој е оштетен и чии податоци злоупотребиле?), неовластено снимање (не постои ова дело освен ако извршител не е државен службеник/орган/безбедносна служба итн. или ако не е на јавен простор) и самовластие (кое право што им припаѓа самовласно си го прибавуваат).
Наместо пријава, битолската полиција треба да ги чести децава, од кои најстариот 22 години а еден е малолетен. Не чувме само за кој педофил пуштија пријава“, стои во јавно објавената реакција на адвокатот Митровски.
На слична линија се и коментарите во јавноста. „Шестмина битолчани му застанале на она против кое државата си ги затворила очите и сега тие се на товар додека тој што договарал средба со дете, си пие кафе дома слободно. Ајде да биде кристално јасно за оние што не сфаќаат. Кој одговорил на повик за средба со 14-годишно девојче не згрешил, не лошо размислил, не се нашол во погрешна ситуација. Тоа е педофил, пишува во еден од коментарите на „Фејсбук“.
Сепак, за дел од правната фела, иако мотивот на овие млади луѓе во очите на јавноста може да изгледа оправдан или општествено корисен, сепак од правен аспект, нивното дејствување влегува во зоната на кривична одговорност.
– Во правна држава, никој не смее да ја презема улогата на полицијата, ЈО и судот, па затоа лишувањето од слобода на „ловците“ е законски втемелено доколку тие примениле каква било форма на присила, противправно лишување од слобода, неовластено снимање или евентуална уцена за материјална корист. Дополнително, доказите кои се набавени од страна на цивилни лица без соодветна наредба од јавен обвинител или судија може да се сметаат за незаконски стекнати, што значи дека тие не би можеле да бидат искористени во судска постапка. Всушност, ја минираат реалната борба против овие девијантни појави, вели адвокатот Јасмин Калач за порталот „Локално“.
Од друга страна, според него, казнено-правниот статус на лицата кои биле „ловени“ и доаѓале на договорените средби е на правно многу нестабилни нозе. Како што објаснува адвокатот Калач, во нашиот Кривичен законик, за да постои обид за извршување на кривично дело поврзано со сексуална деликвенција врз малолетник, мора да постои реална жртва, односно дете.
За разлика од некои англосаксонски системи како Велика Британија или САД, каде што постои посебно кривично дело за онлајн заведување и каде што законот дозволува постапка и осуда дури и кога зад профилот стои мамка, македонското законодавство сè уште има крута рамка и бара постоење на вистинска жртва за да се реализира битието на делото, објаснува овој адвокат и додава дека полицијата треба да направи поширока истрага и да погледне во дигиталните уреди на младите.
Неодамна, во Битола беше уапсен 31-годишен вработен во училиште за производство и дистрибуција на детска порнографија, откако негови податоци биле откриени во рамки на меѓународна полициска акција предводена од австралиските власти. (П. А.)












