Македонскиот олимписки комитет (МОК), во соработка со Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), со задоволство информира дека официјално започна Олимписката обука за напреден спортски менаџмент за 2026 година, која се одржа во просториите на Олимпискиот дом.

Обуката официјално ја отвори и ги поздрави присутните претседателот на МОК, Даниел Димевски. Свое поздравно обраќање до учесниците имаше и генералниот секретар на МОК, Ѓорги Тасев, кој им посака успешна работа во претстојниот период.

На агендата за првиот ден беше реализацијата на првиот модул: „Вовед во Олимписката обука за напреден спортски менаџмент“, под водство на д-р Сашо Поповски.

Особено значајно за овој циклус е што е формирана одлична група на слушатели, составена од посветени претставници на спортските федерации кои доаѓаат од индивидуалните и колективните спортови, како и стручни лица кои се директен дел од структурите на олимписките клубови и федерации.

Оваа престижна програма, која претставува темел за професионален развој на спортските кадри, ќе трае 6 месеци и опфаќа 7 клучни модули (вклучувајќи стратешко управување, финансии, човечки ресурси и спортски маркетинг). По успешното завршување на сите модули и одбрана на седумте практични трудови (Цасе Студиес), кандидатите ќе се стекнат со Меѓународна диплома за напреден спортски менаџмент, официјално признаена од ИОК, што е еден од главните фактори за унапредување на спортските организации и постигнување врвни спортски резултати.

 

 

ИЗДВОЕНИ