По години реакции, дебати и барања од граѓаните и од љубителите на природата, конечно, почна демонтажата на цевководите од малите хидроцентрали „Пена 84“ и „Пена 85“ во долината на Лешница. Од Националниот парк „Шар Планина“ велат дека ова е прв голем чекор кон враќање на реката Пена и на целата долина во нејзината природна состојба.

Во изминатите неколку недели, многу планинари и посетители на Лешница веќе забележаа дека се работи на терен, а сега од Националниот парк и официјално потврдија дека е почната сложената операција за демонтажа и изнесување на цевководите, која се спроведува во координација со надлежните државни институции.

Од Националниот парк велат дека ова не е случајна одлука, туку резултат на долг процес во кој институциите ги бранеле законските и стручните аргументи за зачувување на природата.

– Природата не се чува само со зборови. Таа се чува со дела, со знаење, со истрајност и со храброст да се донесат одлуки во нејзин интерес. На Светскиот ден на заштитата на природата, сакаме да споделиме вест што претставува значаен чекор за иднината на Шар Планина. Започна првиот чекор кон враќање на природата во нејзината првобитна состојба. Ова е резултат на долг и посветен институционален процес во кој доследно ги застапувавме стручните, законските и природозаштитните аргументи со единствена цел: да се заштити долината на Лешница и да се зачуваат природните вредности на Шар Планина – соопштија од Националниот парк.

Оттаму потсетуваат дека според Планот за управување со Националниот парк, не е дозволена изградба на нови мали хидроцентрали во ниту една зона на заштита, бидејќи тие претставуваат сериозна опасност за реките и за живиот свет.

Лешница е едно од највредните природни подрачја во земјата. Освен што е омилена дестинација за планинарите, таа е дел од идната европска мрежа „Натура 2000“ и емералд-подрачје, што значи дека нејзината заштита е обврска не само за Македонија туку и според меѓународните стандарди.

Од Националниот парк објаснуваат дека целта не е само да се извадат цевките, туку целосно да се врати природниот тек на реката.

– Нашето барање е реката Пена повторно да тече во своето природно корито. Тоа значи целосна демонтажа на поставените цевководи, нивно изнесување надвор од границите на Националниот парк, отстранување на бетонските конструкции и постепена обнова на природниот речен екосистем. Ова е успех на институциите, но и на сите граѓани, планинари, научници, здруженија и љубители на Шар Планина, кои со години веруваа дека природата заслужува вистинска заштита – додаваат од НП „Шар Планина“.

Цевките што се демонтираат се транспортираат до паркингот на ски-центарот „Попова Шапка“, од каде што ќе бидат преземени за понатамошна постапка. Од Националниот парк нагласуваат дека сè уште не е завршена работата. Пред нив останува уште последниот чекор: целосно отстранување на преостанатата цевка и, конечно, враќање на Лешница во состојбата во која природата ја создала.

– Не го славиме само овој ден туку и почетокот на враќањето на природата таму каде што припаѓа. Ќе продолжиме да работиме сè додека и последната цевка не ја напушти долината на Лешница. Само тогаш ќе можеме да кажеме дека сме направиле вистински чекор за зачувување на едно од најубавите природни богатства во Македонија – порачаа од Националниот парк „Шар Планина“.

 

 

ИЗДВОЕНИ