Во графата за потеклото напишете „македонско“, за земја на потекло „Македонија“, за јазикот во домот „македонски“, а за религија наведете „македонско православие“… вакви апели деновиве се упатуваат до припадниците на македонската заедница во Австралија, каде што на 11 август ќе се одржи редовниот попис на населението. Бројни македонски организации, двете епархии на МПЦ-ОА, активисти, како и од Агенцијата за иселеништво сè повеќе се мобилизираат со желбата што повеќе граѓани со македонско потекло да се декларираат како такви на пребројувањето. Целта е да се надминат последните пописни резултати од 2021 година, кога официјално било изброено дека на петтиот континент има 111.352 лица, а од кои нив 66.173 го зборувале македонскиот јазик во својот дом. Активистите во македонската заедница проценуваат дека бројот на населението со македонско потекло во Австралија е значително поголем и дека се движи и до 300.000. Но, за да се потврдат ваквите неофицијални процени, потребно е што поголемо изјаснување на Македонците на претстојниот попис, при што голема придобивка и охрабрување би било доколку тој број сега стигне до 200.000.
– Секој одговор е важен. Официјалната статистика е клуч за распределба на државните средства за нашите училишта, пензионерски клубови и медиуми. Поголемиот број ни носи и далеку поголемо влијание во австралиското општество. Иако претходните официјални податоци забележаа само 111.352 лица со македонско потекло, нашите долгогодишни анализи јасно укажуваат дека во Австралија живеат над 300.000 Македонци. Ве повикуваме да им помогнете и на постарите сограѓани точно да ги пополнат пописните полиња на 11 август. Да покажеме колку нè има и со гордост да се запишеме како Македонци – се наведува во апелот на Македонската радиопрограма „Трипл зед“ – Мелбурн што ја води активистот Ицо Најдовски.
Нашите сонародници се советуваат доколку тие, нивните мајки или татковци, се родени во Македонија, тогаш во графата за земјата на потекло да напишат: MACEDONIA. На прашањето јазик, во домот треба да се избере: MACEDONIAN, за потекло/корени: MACEDONIAN, а за религија: MACEDONIAN ORTHODOX
Македонската православна епархија за Австралија и Нов Зеланд во својот повик до верниците посебно нагласува дека при пополнувањето на пописот, во прашањето за религија треба да се избере графата „Other (Specify)“ и да се запише „MACEDONIAN ORTHODOX“.
– Ако впишете само „ORTHODOX“ ќе ве бројат погрешно во „GREEK ORTHODOX“ – се предупредува во апелот. Ова придонесува македонската заедница да биде правилно евидентирана и признаена и да добие што поголема поддршка – се нагласува во обраќањето.
На секој од последните пописи во Австралија има тренд на зголемување на бројот на македонското население. Во 2006 година, 83.978 лица се изјасниле дека се со македонско потекло, во 2011 имаше 93.570 такви лица, а на пребројувањето во 2016 година е забележано 98.441 лице.
Посебно е загрижувачки тоа што на пописите се намалува бројот на лицата кои се декларираат дека во својот дом покрај англискиот го користат и македонскиот јазик. Ако во 2011 година имаше 68.849 лица, пред пет години бројот се намали на 66.173. (Б. Ѓ.)












