Проф. д-р хаб. Маќеј Кавка, истакнат полски лингвист, славист и македонист, текстлингвист и истражувач на дискурсот и медиумската комуникација од 1976 година па сè до денес, е добитник на годинашното „Почесно Рациново признание за 2026“, кое ќе му биде врачено на свеченото затворање на 63. „Рацинови средби“ на 16 јуни, во Велес.
Според проф. д-р Весна Мојсова-Чипишевска, неговото научно дело, создавано повеќе децении, претставува значаен придонес за проучувањето, афирмацијата и за меѓународната видливост на македонскиот јазик, литературата и културата. Неговата академска биографија е поврзана со најважните полски научни центри, особено со Јагелонскиот универзитет во Краков, но и со македонската научна и културна средина, со која проф. Кавка одржува трајни, плодни и длабоко посветени врски.
Проф. Маќеј Кавка е автор на бројни трудови посветени на македонскиот јазик, македонската литература и македонската култура. Меѓу неговите најзначајни дела во оваа област се издвојуваат книгите Polski–macedoński. Studia konfrontatywne, Sześćdyskursów o języku и особено Macedonian Discourses. Text Linguistics and Pragmatics, дело во кое македонските теми се разгледуваат низ перспективата на современата текстлингвистика, прагматиката и анализата на дискурсот. Со оваа книга, како и со голем број статии објавени во Полска и во Македонија, проф. Кавка придонесува македонскиот јазик и македонската култура да бидат претставени како значаен предмет на европската славистичка и лингвистичка мисла.
Неговите македонистички интереси се исклучително широки. Тој пишува за развојот и за потребите на македонската текстологија, за кодификацијата на македонската јазична норма, за синтаксичко-семантичките односи меѓу полскиот и македонскиот јазик, за јазикот на македонската книжевност, за делата на Живко Чинго, Петре М. Андреевски и Марко Цепенков, како и за македонските јавни, политички и медиумски дискурси…












