среда, октомври 28, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Искра Хаџи Василева е избрана за нова шефица на ОЈО ГОКК...

Искра Хаџи Василева е избрана за нова шефица на ОЈО ГОКК со најмногу гласови – записникот ќе биде објавен утре

24
Фото:принтскрин

Искра Хаџи Василева е избрана за нова шефица на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), откако на денешното гласање освои 64 гласа од вкупно 171 важечко гласачко ливче, покажуваат сумираните резултати од петте изборни места во државата.

На денешните избори право на глас имаа вкупно 187 јавни обвинители од целата држава, кои преку непосредно и тајно гласање избираа меѓу петмина кандидати.

Покрај Хаџи Василева, во трката учествуваа и Фатон Азизи од Обвинителството за организиран криминал, Трајче Пеливанов и Јован Цветановски од Вишото јавно обвинителство Скопје, како и Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје.

Изборот се спроведува поради истекувањето на мандатот на досегашниот раководител Ислам Абази, кој беше избран во 2022 година и не се кандидираше за нов мандат.

Петмината кандидати на 13 октомври ги претставија своите програми пред Советот на јавните обвинители, а меѓу главните приоритети беа зајакнувањето на финансиските истраги, борбата против корупцијата и поголемата независност на Обвинителството.

Хaџи Василева е јавна обвинителка со 11-годишно искуство и е од петтата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители. Во октомври 2024 година беше избрана за обвинителка во ОЈО ГОКК.

Од јавно експонираните случаи, Хаџи Василева во моментов го застапува обвинението против судијата Ѓоко Ристов.

При презентација на својата програма пред Советот на јавни обвинители, таа претходно месецов истакна дека работата би ја темелела на четири столбови – ефикасност и ажурност во постапувањето, поголема активност во финансиските истраги, конфискацијата на имот и максимално искористување на истражниот центар и зајакнување на кадровската екипираност и на капацитетите преку дигитализација, а ја наведе и поголемата транспаретност, која, како што рече, ја зголемува јавната доверба во институцијата.

Инаку, вкупно 187 јавни обвинители имаа право на глас, а изборот денеска се спроведе во републичкото обвинителство и во четирите виши јавни обвинителства по апелациски подрачја во Скопје, Гостивар, Штип и во Битола. Резултатите од гласањето вечерва треба да ги сумира тричлена комисија од Советот на јавни обвинители, на јавна седница.

Досега со ОЈО ГОКК раководеше Ислам Абази.

Официјалниот записник од гласањето ќе биде објавен утре, по што обвинителите што учествуваа во изборната трка ќе имаат рок од пет часа за поднесување евентуални жалби. По истекот на рокот, записникот ќе стане официјален, со што ќе биде потврден и изборот на Хаџи Василева.

ИЗДВОЕНИ