Професорот на Градежниот факултет, Горан Марковски, истакна дека не е испитувана носивоста на овој мост повеќе од 20 години и дека одамна е истечено времето да се реализира ова. Од Град Скопје потврдија дека во рамките на проектот за БРТ-превоз се предвидува испитување на мостот „Обединети нации“ и оти имаат намера да го вклучат Градежниот факултет. Оттаму додаваат дека надлежните од Град Скопје постојано се на терен и оти веќе се врши проверка на состојбата и на другите мостови во Скопје, од страна на лиценцирана геодетска компанија за оваа намена, која ја испитува оскултацијата. Притоа, нагласуваат дека веќе е извршена проверка на мостовите „Гоце Делчев“ и „Беласица“

 

Мостот „Обединети нации“ наскоро ќе се испитува, а активностите ќе ги спроведе Градежниот факултет. Професорот на Градежниот факултет, Горан Марковски, објасни дека ќе се испитува носивоста на мостот.

– Во фаза на преговори сме со Град Скопје. Повод е трасата по која треба да минува трасата на БРТ, а причина е незавидната состојба на мостот – истакна Марковски.

Тој додаде дека не е испитувана носивоста на овој мост повеќе од 20 години и дека одамна е истечено времето да се реализира ова.

– Тоа е обврска на Градот и на општините, во зависност во чија надлежност е мостот и треба редовно да се извршува како што редовно се одржува автомобилот и се носи на технички преглед еднаш годишно, пред неговата регистрација – опишува Марковски.

За тоа дали ќе се испитува носивоста и на други мостови, Марковски не можеше да каже. Рече дека скопскиот градоначалник навестил, но сето тоа не било ништо официјално.

Од Град Скопје потврдија дека во рамките на проектот за БРТ-превоз се предвидува испитување на мостот „Обединети нации“ и оти имаат намера да го вклучат Градежниот факултет.

– Во таа насока, во консултација со ЕБОР и со другите странски експерти, имаме намера да го вклучиме Градежниот факултет, како највисока научна установа од оваа сфера. Согласно со резултатите, ќе бидат преземени сите неопходни чекори, доколку е потребно – соопштија градските власти.

Тие уште еднаш посочија дека во насока на БРТ, сегашните размислувања се средишното зеленило да биде задржано, БРТ-автобусите да се движат по крајната лева лента, па повторно да има зелен коридор и да останат две ленти за другите учесници во сообраќајот.

– Во моментов, согласно со процедурите што се надгледувани од ЕБОР, ние сме во фаза на обезбедување меѓународни и домашни експерти, кои ќе предложат идејни решенија за реализација на БРТ-превозот што ќе ѝ бидат презентирани на јавноста на најтранспарентен начин – нагласија од Град Скопје.

Оттаму додаваат дека надлежните од Град Скопје постојано се на терен и оти веќе се врши проверка на состојбата и на другите мостови во Скопје, од страна на лиценцирана геодетска компанија за оваа намена, која ја испитува оскултацијата.

Притоа, нагласуваат дека веќе е извршена проверка на мостовите „Гоце Делчев“ и „Беласица“.

– По добивањето на резултатите, Градот ќе ги преземе потребните мерки, доколку има потреба – децидни се градските власти.

Инаку, во понеделникот почна реконструкцијата на надвозникот „Естекада“ во Автокоманда, во близина на Скопска пиварница, каде што ќе биде променета коловозната површина, ќе биде санирана оградата, осветлувањето и др.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ