вторник, јуни 16, 2026
Дома БАЛКАН Грција со итни мерки на Евзони – се укинува биометријата во време...

Грција со итни мерки на Евзони – се укинува биометријата во време на „шпиц“  

0
ЗА ПОБРЗ ПРОТОК НА ГРАНИЦАТА, СЕ ВРАЌАМЕ НА СТАРИТЕ ПРАВИЛА

Грчките власти преземаат мерки за намалување на гужвите и забрзување на протокот на патници на копнените гранични премини, во услови на зголемен сообраќај и примена на новиот систем за влез-излез (EES), кој вклучува и биометриска регистрација на државјани од трети земји. На ова се осврна заменик-министерот за внатрешни работи на Грција, надлежен за регионите Македонија и Тракија, Константинос Гиулекас, кој на конференција за туризам истакна дека се разгледуваат привремени решенија за олеснување на преминувањето на границите.

Меѓу мерките е поставување модуларни контролни пунктови на граничниот премин Евзони, со што една сообраќајна лента се проширува во две, со цел да се намали времето на чекање. Како што пренесе МИА, се најавуваат и активности за модернизација на инфраструктурата на преминот, која засега се спроведува во фази.

Гиулекас посочи дека, и покрај ограничената флексибилност до целосна модернизација на преминот, се користат сите расположливи привремени решенија за побрз проток на патници.

Во однос на системот за биометриска регистрација, тој нагласи дека европската регулатива овозможува привремено и делумно суспендирање на неговата примена во периоди на зголемен сообраќај, практика што, како што рече, веќе се применува.

Како што беше наведено, ваквата можност за привремено исклучување на биометриската регистрација се применува со цел да се обезбеди нормален проток на патници и возила на граничните премини.

Како што пренесува грчки Катимерини, примената на новиот систем за влез и излез предизвикала значително зголемување на времето на чекање, бидејќи контролата за државјани од трети земји се зголемила од околу 20–30 секунди на 2–3 минути по лице. Ова, во комбинација со застарената инфраструктура, ограничениот простор на преминот и повремени технички проблеми, доведе до километарски колони од возила и долги редици патници, особено во раните утрински часови.

Во моментов, властите нагласуваат дека се применуваат сите можни привремени мерки со цел да се „стабилизира“ протокот на патници и да се избегнат поголеми застои на еден од најфреквентните гранични премини меѓу Грција и Северна Македонија.

За да се избегнат екстремни застои, надлежните во одредени периоди на најголем сообраќаен притисок привремено ја суспендираат примената на биометриската проверка, при што граничните премини функционираат исклучиво со стандардна пасошка контрола. Таквата суспензија е временски ограничена и може да трае неколку часа, а се применува во ситуации кога се создаваат долги колони од автобуси и патнички возила.

Грчките власти разгледуваат и дополнителни оперативни мерки, како отворање нови шалтери за проверка. Дел од плановите предвидуваат и привремена пренамена на одредени постојни објекти, со цел зголемување на капацитетот за обработка на патници и возила.

ИЗДВОЕНИ