Брза реакција на полицијата и обвинителството во расчистување на инцидентот со палењето на автомобилите во сопственост на бугарската амбасада во Скопје. Уапсен е 44 годишен маж кој го признал делото и нему ќе му се суди по брза постапка. И додека македоснките власти го расчистуваат случајот, бугарскиот државен врв го вбројува во уште еден од многуте испровоциран од антибугарската реторика во земјава. . „Го сметам палењето на дипломатски автомобили за напад врз Бугарија.“категорично изјави претседателката Илијана Јотова, а бугарското министерство за надворешни ја повикало македонската привремена управа на состанок во Софија
Осуда и барање за брза истрага за палењето на бугарските автомобили пред амбасадата во Скопје стигнаа од двете соседни земји, македонските власти ветија расчитување на случајот по брза постапка и казна за сторителот кој експресно беше уапсен од полицијата, бугарските пак, се сомневаат во ново продолжение на создавање на атмосфера на страв кај нивните сограѓани во земјава.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошкоски рече дека ваквите настани се неприфатливи и дека институциите реагирале навремено. Приведен е 44 годишен маж од скопската населба Драчево кој го признал делото, а неговата облека е земена за вештачење.
–Насилство нема да дозволиме и нема да биде толерирано.Министерството за внатрешни работи брзо постапи во насока на расветлување на случајот, при што осомниченото лице е идентификувано и лишено од слобода. Лицето кое се сомничи за палењето на возилото е многу брзо идентификувано и обезбедено од страна на МВР, во соработка со Агенцијата за национална безбедност – изјави за медиумите Тошковски и повтори дека институциите имаат јасен став за ваквите појави, особено кога станува збор за оштетување имот на странски дипломатски претставништва.
– Огромна осуда лично од моја страна и од страна на сите оние, пак ќе повторам, политички фактори во државава на било какво насилство, особено насилство насочено кон оштетување предмети коишто се во сопственост на соседна држава, особено таков тип на насилство треба да биде предмет на осуда и е предмет на осудата – изјави министерот за внатрешни.
Со оглед на изјавите кои не престануваат да пристигнуваат од државниот врв на соседна Бугарија, инцидентот е испровоциран и има за цел да создаде страв кај бугарските граѓани во Македонија. „Го сметам палењето на дипломатски автомобили за напад врз Бугарија.“категорично изјави претседателката Илијана Јотова.
Во објава на Фејсбук, Министерството за надворешни работи на Република Бугарија инцидентот го нарече демонстративен чин на агресија со кој се загрозува здравјето и животот на вработените во Амбасадата во Македонија.
„Без навремена интервенција на бугарскиот конзул со апарат за гаснење пожар, штетата од ова намерно палење можеше да биде значително поголема. Инсистираме на брза и фер арбитража на случајот. Ова последователно мешање против Бугарија и Бугарите е резултат на агресивен политички говор, поттикнување омраза и недостаток на соодветна реакција на институциите во претходни слични случаи, што создава чувство на неказнивост за сторителите, пишува во реакцијата на бугарското министерство за надворешни работи од каде пак ја повикале нашата амбасада на состанок во Софија.
Македонската Влада веднаш го осуди инцидентот и го нарече вандалски и недозволив чин. Во соопштението наведе дека ваквите постапки претставуваат напад врз безбедноста, дипломатските односи и меѓународното право. „Како влада сакаме да испратиме јасна порака дека секој обид за предизвикување тензии ќе биде санкциониран“, соопштија од Владата, а брзо расчистување на случајот во телевизиско интервју вети и премиерот Христијан Мицкоски.
Инцидентот се случува во чувствително време, кога односите меѓу двете земји се речиси невидливи. Настанот и вчера беше топ тема во бугарските медиуми кој го вбројуваат како уште еден во листата на инциденти што се случуваат поради антибугарската реторика во земјава.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, телефонски разговарал со бугарската министерка Велислава Петрова-Чамова на која и укажал дека ќе има брза реакција за расчистување на инцидентот. „Министерството дава целосна поддршка на надлежните институции во насока на брза, ефикасна и транспарентна истрага, со цел да се утврди одговорноста и сторителот соодветно да биде санкциониран“, изјави Муцунски. (П.А.)
Јотова: ЕП да разговара за инцидентот кој е без преседан
Следните неколку дена во Европскиот парламент ќе бидат исклучително важни, бидејќи покрај дискусијата за напредокот на Република Северна Македонија, ќе има и гласање за извештајот, истакна вчера бугарската претседателка, Илијана Јотова, во изјава за медиумите во Софија. Таа ги коментираше и сигналите што доаѓаат од Стразбур и палењето дипломатски автомобили, нагласувајќи дека го смета за напад врз Бугарија.
– Следните два дена ќе бидат исклучително важни, бидејќи, покрај дискусијата, ќе има и гласање за резолуцијата. Имам алармантни сигнали од европратениците дека во последен момент ќе се обидат да отстранат еден од текстовите што директно се однесува на работата на заедничкиот комитет и со тоа да ја направат неговата работа бесмислена. Силно се надевам дека ќе се покаже разум, бидејќи ова прашање е дел од протоколот. Исто така, многу се надевам дека европратениците ќе најдат време, и покрај кратките минути што им се дадени, да разговараат за инцидентот од понеделникот, кој е без преседан – рече Јотова.












