Неоперативните технолошко-индустриски развојни зони во неколку градови ќе бидат трансформирани во индустриски зони со цел нивно ставање во функција и привлекување на домашни и странски инвестиции, најави директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски. Паралелно, од 2025 година се работи на нова долгорочна стратегија за странски инвестиции со важност од 2027 до 2037 година.
Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Гоце Димовски, денеска информираше дека се подготвуваат системски измени со кои дел од неактивните зони ќе добијат нова намена. Тој посочи дека целта е тие да бидат ставени во економска функција и да се искористи постојната инфраструктура.
– Согласно законот, се знае кои дејности може да бидат активни во зоните. Неоперативните зони, како Делчево, Берово, Виница и уште неколку, ќе се трансформираат во индустриски кои би ги ставиле во функција, зашто ТИРЗ-овите имаат одредена рамка на дејност и бизниси, а индустриските можат да имаат секаков вид дејности – и услуги и секаков вид производство – изјави Димовски.
Тој додаде дека ваквиот пристап ќе отвори можност и за домашните компании, кои ќе можат да го прошират своето производство во уредени индустриски капацитети.
– Ќе ги понудиме и на домашните компании за да го прошират своето производство. Овие зони се изградени одамна, пред 10 до 15 години и таа демографија од тогаш веќе не постои. Целта е како да ги ставиме во функција и да му помогнеме на домашниот бизнис да добие урбанизирано земјиште со соодветна инфраструктура, а со тоа да се поттикне локалниот економски развој и развојот на државата – нагласи директорот.
Во однос на странските инвестиции, Димовски информираше дека е започната изработка на нова стратегија која ќе ги дефинира приоритетите за периодот 2027–2037 година.
– Од 2025 година се работи на нова стратегија за привлекување странски инвестиции со важност 2027–2037 година – документ во кој ќе бидат опфатени сите аспекти и цели на државата во однос на ова прашање, вклучувајќи ја и диверзификацијата на инвестициите – рече Димовски.
Тој потенцираше дека актуелниот стратешки документ бил важечки до 2017 година, по што не бил донесен нов сеопфатен документ за оваа област.
– Постојната стратегија беше заклучно со 2017 година, а од тогаш до 2024 година немаме никаков нов стратешки документ – додаде директорот.
Од Дирекцијата посочуваат дека во моментот во струшката ТИРЗ функционираат две компании кои активно работат и вработуваат значителен број лица, но дека се прават напори за привлекување нови инвеститори со цел дополнителен економски развој на регионот.












