вторник, јуни 16, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Насилството меѓу учениците го вклучи алармот, следуваат казни и полициски надзор

Насилството меѓу учениците го вклучи алармот, следуваат казни и полициски надзор

Тепачки, булинг и вандализам ја одбележаа учебната година

1

Насилството меѓу децата во училиштата и надвор од нив го вклучи алармот кај надлежните институции. По последниот инцидент во Општина Карпош, каде што деветтоодделенци „соборија“ висока канделабра во детско игралиште, полицијата најави засилени контроли во заедницата.

Министерот за внатрешни, Панче Тошковски, рече дека присуството на полицијата ќе биде видливо околу спортските објекти, а ќе се воспостават и контакт-офицери во и околу училиштата, односно полицаец кој им е достапен и познат на учениците и на наставниците, со цел проблемите да се решаваат навреме и да се спречат посериозни инциденти.

Од следната учебна година, овие контакт-офицери ќе остваруваат редовни средби со ученички совети, ќе имаат едукативни активности за врсничко и онлајн насилство, како и работилници за сајбер-булинг и безбедно користење на интернет, најавија од МВР. Годината што измина, пак, за жал ја одбележаа тепачки меѓу врсниците, понижувања кои секогаш завршуваа на социјалните мрежи популарни кај младите, булинг, усни и писмени опомени кај стручните училишни служби.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, коренот на проблемот го гледа кај родителите, кои, за жал, во денешно време сè поретко разговараат со децата со цел да бидат подобри граѓани.

„Младите не стануваат агресивни во училиште, туку агресијата најчесто ја носат од семејството. Во собраниска процедура се законски измени кои предвидуваат парични казни за родители и старатели на деца кај кои ќе се утврди врсничко насилство“, истакна Јаневска и најави дека во наредниот период ќе започне и мултиресорска кампања насочена кон превенција и справување со семејното и врсничкото насилство.

„Направивме законски измени со кои училиштата се обврзуваат да планираат активности за промоција на добросостојбата на учениците, заштита од насилство и дискриминација, како и за подобрување на комуникацијата и меѓусебната почит. Ги зајакнавме стручните служби и ги вративме дежурствата на наставниците за време на одморите“, рече Јаневска.

Пет министерства, невладини организации и членови на Националната работна група за превенција на насилство кај младите потпишаа Декларација за намери, со која се обврзуваат на поинтензивна соработка во справувањето со овој сериозен општествен предизвик. Документот го потпишаа Министерството за образование и наука, Министерството за спорт, Министерството за внатрешни работи, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Министерството за дигитална трансформација, а процесот се реализира со поддршка на ОБСЕ.  На настанот беше нагласена потребата од дополнително унапредување на координацијата меѓу образовните институции, полицијата, локалната самоуправа, здравствените и социјалните служби, со цел обезбедување побрз и поефикасен одговор на сите појави на насилство кај младите. Потписниците се заложија за создавање побезбедна училишна средина, едукација за ненасилна комуникација, превенција на насилството во спортот, зајакнување на дигиталната безбедност, унапредување на менталното здравје и психосоцијалната поддршка, како и подобра координација и одговорност меѓу институциите. Амбасадорот на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, ја нагласи важноста од партнерство меѓу институциите и меѓународната заедница за превенција на насилството и создавање побезбедна средина за младите.

– Најважно е младите да бидат слушнати, да имаат глас и да живеат во средина без страв и насилство – истакна Вал, додавајќи дека ОБСЕ ќе продолжи да го поддржува процесот.

Според последното меѓународно истражување HBSC, спроведено во Македонија, околу 20 проценти од учениците на возраст од 11 до 15 години изјавиле дека биле жртви на врсничко насилство во училиштето или неговата околина. Истражувањето покажува дека најранливи се учениците во основното образование, додека околу еден од десет ученици признал дека учествувал во булинг врз свои врсници. (П. А.)

БРИТАНИЈА ЌЕ ГИ ЗАБРАНИ СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ ЗА ДЕЦА ПОД 16 ГОДИНИ

Премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, најави дека Владата ќе воведе забрана за користење социјални мрежи за деца помлади од 16 години. Тоа претставува една од најстрогите мерки во областа на заштита на малолетниците во дигиталниот простор. Стармер истакна дека социјалните мрежи можат да имаат сериозно негативно влијание врз менталното здравје на децата и оти пласираните содржини често носат ризици од зависност. Македонските власти сè уште не размислуваат во таа насока оставајќи на поголема одговорност на родителите во контролата на децата при користење на социјалните мрежи. Неодамна, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, предложи иницијатива кај родителските здруженија „да воведат секој родител да купи телефон што нема социјални мрежи за своето дете бидејќи такви телефони постојат и се продаваат по еден денар во продажба“.

 

ИЗДВОЕНИ