„Четири слики на љубовта“ од швајцарскиот драмски автор Лукас Берфус – театарска приказна за желбите, блискоста и човечките противречности, премиерно ќе биде одржана утревечер (20 часот), а претпремиерата е вечер во Струмичкиот театар „Антон Панов“. Претставата е во режија на Александра Кардалевска и носи сценска приказна што ги преиспитува сложените односи меѓу љубовта, желбите и личните противречности.
Што значи да се сака некого? Дали вистинската блискост секогаш подразбира и меѓусебно познавање, или зад неа се кријат осаменост, неизговорени желби и непознати страни на личноста? Токму ваквите дилеми го обликуваат драмскиот свет на „Четири слики на љубовта“, во која Берфус ги поставува во преден план прашањата за човечката природа и за границите до кои се подготвени да одат луѓето водени од своите чувства.
Преку режисерскиот пристап на Александра Кардалевска, драмскиот текст се преточува во сценско истражување на она што го посакуваме, она што го чувствуваме и постапките што произлегуваат од нашите емоции. Љубовта не е претставена само како чувство што ги поврзува луѓето, туку и како простор во кој се судираат различни очекувања, потреби и лични вистини.
Во актерската екипа се Јулија Милкова како Евелин, Кољо Черкезов во улогата на Даниел, Оливера Аризанова-Мансбарт како Сузан и Коста Ангoв како Себастијан. Михаил Велков на сцената ги толкува ликовите на Момчето, Моделот, Службеникот и Мисионерот.
Преводот на драмскиот текст од германски јазик е на Марика Димитровска. За визуелниот концепт, дизајнот и видеото е задолжен Онур Озџан, кој заедно со Ване Костуранов го изработува и дизајнот на плакатот и рекламниот материјал. Фотографиите се дело на Столе Ангелов.
Реализацијата на „Четири слики на љубовта“ е дел од Годишната програма на Министерството за култура и туризам и е поддржана финансиски од Амбасадата на Швајцарија во Скопје. (Д.Т.)












