Општина Илинден воведува субвенции за првачиња, мерка наменета за помош на семејствата во пресрет на почетокот на учебната година. За таа цел, објавен е Јавен повик за доделување еднократна финансиска помош за семејствата со деца кои во учебната 2026/2027 година ќе го започнат своето основно образование.
Со новововедената мерка, секое дете запишано во прво одделение ќе добие еднократна финансиска помош во износ од 3.000 денари. Родителите или старателите кои сакаат да го остварат ова право потребно е да поднесат барање со соодветната документација преку архивата на Општина Илинден. Деталите за условите, потребните документи и постапката за аплицирање се објавени на официјалната веб-страница на Општината.
-Новата мерка има за цел да им помогне на семејствата во подготовките за почетокот на учебната година и да обезбеди дополнителна поддршка за најмладите ученици при нивниот прв чекор во образовниот процес. Паралелно со финансиската помош, Општината ќе продолжи и со досегашната практика на обезбедување ранци со училишен прибор за првачињата – велат од локалната самоуправа.












