Пeнтагон забрзано развива планови за можна воена операција во Куба, во случај американскиот претседател, Доналд Трамп, да издаде наредба за интервенција, дознава „УСА тудеј“. Два извори запознаени со планирањето изјавија дека се работи за конкретни воени подготовки што би можеле да се активираат на краток рок.
Ваквите директиви би претставувале ескалација на тензиите меѓу САД и Куба, што почнаа во јануари, кога администрацијата на Трамп ги ограничи испораките на нафта за Куба како дел од пошироката кампања за притисок врз комунистичката влада на островот. „УСА тудеј“ побарале коментар за оваа информација од Министерството за одбрана на САД и од Јужната команда на САД, но не добиле одговор.
Информациите за можни планови за ескалација првично беа објавени на платформата „Сабстрек“ на порталот „Зетео“, по што се проширија низ политичките кругови во Вашингтон. САД и Куба потврдија дека се во раните фази од обидот да најдат излез од кризата, но не е јасно колку е подготвена секоја страна за отстапки. „Уса тудеј“ објави во март дека двете земји разговараат за можен историски економски договор што би можел да ги намали тензиите.
И покрај фактот дека фокусот на администрацијата на Трамп се префрли на војната со Иран во последните недели, тензиите меѓу Вашингтон и Хавана дополнително се зголемија. Трамп посочи дека очекува наскоро да ја има „честа“ да „ја преземе Куба, во некоја форма“, додавајќи: „Без разлика дали ќе ја ослободам или ќе ја преземам – мислам дека можам да правам што сакам со неа“. Во понеделникот, тој во Белата куќа рече: „Можеби ќе застанеме на Куба кога ќе завршиме со ова“, осврнувајќи се на конфликтот со Иран.
Кубанскиот претседател, Мигел Дијаз-Канел, во интервју за „Њузвик“ изјави дека земјата ќе се брани во случај на американски напад. „Ќе се бориме, ќе се браниме и ако паднеме во битка, умирањето за татковината значи живот“, рече тој.
Тензиите дополнително се зголемија по тајната американска операција на почетокот на јануари во која поранешниот претседател Николас Мадуро беше извлечен од Венецуела. Таа акција предизвика шок кај кубанската дијаспора и ги поттикна шпекулациите дека Куба би можела да биде следната цел. За време на таа операција, 32 кубански војници, кои го чуваа Мадуро беа убиени, што дополнително го зголеми стравот од поширок регионален конфликт.
САД ја разгледуваат можноста за воена интервенција во Куба со децении, од 1959 година, кога комунистот Фидел Кастро ја презеде власта и ја поврза земјата со Советскиот Сојуз. Последната криза беше дополнително влошена од блокадата на испораките на нафта од страна на САД, што ја втурна кубанската економија во длабока енергетска и економска криза и ги зголеми политичките тензии на островот.












