вторник, септември 1, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Еден вирус стивнува, друг се заканува

Еден вирус стивнува, друг се заканува

Морбилите повторно се закануваат , ИЈЗ повикува родителите да ги вакцинираат децата со двете дози

0

Се намалува бројот на хоспитализирани од вирусот западнонилска треска, неделава се хоспитализирани петмина, а на Клиниката за инфективни болести на лекување се 19-мина пациенти, тројца се екстубирани и нивната состојба се подобрува, двајца се на респиратор –станува збор за повозрасни мажи што имаат и други болести, кажа директорот на Инфективна, Фадил Цана, на прес-конференција со новинарите.

Според досегашната статистика што ја направиле во Министерството за здравство, има 55 случаи на заболени од вирусот, кој се добива по убод од тигрест комарец, а 52 се на болничко лекување. Министерот Сашо Клековски рече дека во моментов мапирањето на болни е во Скопје Север, за разлика од почетокот на епидемијата, кога најголем дел од заболените беа од јужната страна на градот, кај Скопско Поле.

Клековски објави дека уште еден мртов гавран е позитивен на вирусот. Бил пронајден во скопски Карпош, во близина на Драмски театар.

– Ги замолувам граѓаните да пријавуваат мртви гаврани, не и птици во распаѓање. Во иднина ќе се фокусираме на мртвите птици надвор од Скопје – рече Клековски.

Во земјава досега, од вирусот западен нил се починати вкупно шестмина мажи. Според министерот, смртноста е 11,5 %, лекувањето трае околу две недели, а најмногу хоспитализирани на Клиниката имало на средината од август. Првиот болнички случај бил во мај, а растот почнал на средината од јули.

Додека еден вирус стивнува и бројот на хоспитализирани од западнонилска треска се намалува, друг вирус – малите сипаници, се реална закана за земјава со оглед на малиот процент на вакцинирани деца.

Морбилите се појавија во соседството, зголемувањето на бројот на случаи во Косово и во Бугарија го вклучи алармот кај здравствените власти. Во Македонија, опфатот со МРП-вакцината е само 62 отсто, што е далеку под потребните 95 отсто за да се обезбеди колективен имунитет. Министерот за здравство, Клековски, упати апел до родителите навреме да ги вакцинираат своите деца.

– Сакам да упатам апел до сите граѓани на Македонија поревносно да пристапат кон вакцинацијата од морбили. Опфатот на вакцинација е релативно низок – 62 отсто, од Институтот за јавно здравје го кажуваат тоа. Ова го кажувам затоа што во моментот расте бројот на случаи од морбили во Косово и во Бугарија – рече Клековски.

Според вакциналниот календар, првата доза од МРП-вакцината, која штити од мали сипаници, заразни заушки и од рубеола, треба да ја примат сите деца на возраст од 12 месеци. Иако МРП-вакцината е задолжителна, опфатот е далеку од потребното ниво. Кај ревакцинацијата, состојбата е нешто подобра и достигнува 85 отсто, но и овој процент не е доволен за создавање колективен имунитет. Нискиот опфат не е проблем само кај МРП-вакцината. Податоците на ИЈЗ покажуваат дека Македонија не го достигнува посакуваниот опфат од 95 отсто ниту кај повеќето други вакцини од редовниот календар.

Кај хепатитис Б, опфатот е 77 отсто, кај хемофилус инфлуенца тип Б 78 отсто, додека кај дифтерија, тетанус и пертусис, како и кај полиомиелитис, изнесува по 79 отсто. Особено низок е опфатот со ХПВ-вакцината, кој изнесува 51 отсто. Кај новите вакцини, опфатот со ротавирусната вакцина е 64 отсто, а со пневмококната 80 отсто.

Здравствените власти предупредуваат дека подобрата покриеност кај ревакцинацијата не е доволна доколку првата доза не ја примат доволен број деца. За спречување на ширење на заразните болести и за заштита на оние што не можат да бидат вакцинирани, потребен е опфат од најмалку 95 отсто. Со појавата на нови случаи на морбили во соседството, нискиот вакцинален опфат претставува дополнителен ризик за појава и ширење на болеста и во земјава. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ