Иранските медиуми во понеделник објавија дека земјата испукува ракети и дронови како одговор на новите американски напади, бидејќи непријателствата повторно се разгореа по еден месец без воена акција.
Агенциите „Фарс“ и „Тасмин“, кои се сметаат за блиски до иранските безбедносни сили, доцна во понеделник објавија дека Иран започнал вакви операции.
Часови претходно, американската војска соопшти дека напаѓа нови цели во Иран како одговор на неодамнешните обиди за напади врз трговски бродови во Ормускиот теснец.
Обновените судири, кои американската војска се обиде да ги прикаже како ограничени, беа спроведени дури и по очигледното поместување на фокусот на американскиот претседател Доналд Трамп кон економски санкции врз Иран.
Централната команда на САД соопшти дека нападите „следат по неодамнешните обиди на Иранската револуционерна гарда (идеолошката армија на Иран) да нападне трговски бродови во Ормутскиот теснец и американски трупи распоредени во регионот“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, вечерва изјави дека најновиот напад на САД врз Иран е „оправдан“ и се закани со повеќе напади доколку Техеран возврати.
Трамп напиша во порака на својата социјална мрежа „Трут соушал“ (Truth Social) дека американската војска денес нападнала ирански цели во близина на Ормутскиот теснец како одговор на „неуспешниот обид на Иран да додаде морски мини“ во теснецот и за испукањето осум ракети врз американската воена база во Јордан.
Трамп изјави за „Фокс њуз“ дека најновата рунда напади во голема мера била насочена кон иранските напори за обнова на радарот што бил уништен во претходните американско-израелски напади за време на шестмесечниот конфликт. Трамп во телефонски повик до мрежата рече дека американската војска ги следела иранските напори за обнова на радарските системи и чекала додека работата не биде речиси завршена пред да ги изврши нападите.
Претходно во текот на денот, иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека земјата е подготвена да се врати на договорот за прекин на огнот со САД постигнат во јуни, доколку Вашингтон е подготвен да се придржува до условите на тој договор.
Но, Трамп се чини дека ја отфрли можноста за враќање на прекин на огнот, барем на краток рок. Според новинар на „Фокс њуз“ кој разговарал со Трамп, американскиот претседател рекол дека смета оти „договорот со нив не вреди ниту хартијата на која е напишан“, пренесе „Бета“.












