вторник, септември 1, 2026
Дома СВЕТ Макрон: Франција ги поддржува новите санкции на ЕУ против Русија, нападите не...

Макрон: Франција ги поддржува новите санкции на ЕУ против Русија, нападите не смеат да останат без одговор

38
Фото: EPA/Manon Cruz / POOL MAXPPP OUT

Франција „поддржува усвојување на нови европски санкции против Русија“, изјави вечерва претседателот Емануел Макрон, изразувајќи „целосна солидарност со Германија“, која официјално ја обвини Москва дека испратила дрон наполнет со експлозив на аеродромот во Лајпциг на почетокот на август.

„Овие хибридни напади се множат во Европа. Тие не смеат да останат без одговор“, рече Макрон во видео емитувано на платформата „Икс“.

Германските власти ќе ѝ предложат на Европската унија да се додадат нови руски државјани на европските листи со санкции.

Германската влада денес ја обвини Русија за обид за напад на аеродромот во Лајпциг во август со дрон наполнет со експлозив. Дронот беше пронајден во близина на украински авион на 4 август, а уредот беше деактивиран.

Германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт рече дека обидот за напад се вклопува во познат модел на „руски хибридни операции“.

Министерот за надворешни работи Јохан Вадефул рече дека рускиот конзулат во Бон ќе биде затворен од 18 септември и дека договорот што го регулира Рускиот дом, културен центар во Берлин, ќе биде раскинат.

Аеродромот во Лајпциг е главен центар за меѓународен товарен сообраќај и за обезбедување поддршка на Украина. Меѓу авионите што редовно го користат се и украинските транспортни авиони „Антонов“.

Западните земји ја обвинуваат Русија за водење кампања на саботажа и нарушување низ Европа, со цел поткопување на поддршката за Украина и дестабилизација на европските земји, пренесе „Бета“.

ИЗДВОЕНИ