Со возбуда, радост и со желба за знаење, околу 238.000 основци и средношколци во земјава влегоа во своите училишта и училници на денешниот почеток на новата учебна година. За стартот, речиси сè беше подготвено: средени и чисти училници, комплети учебници на масите, средени дворови, подготвени наставници… Главната возбуда, по традиција, беше наменета за првачињата, за оние 14.952 деца што првпат влегоа во училиштата, каде што ќе почнат да се запознаваат со бројките, со буквите. Пред најголем дел од училиштата, нив ги пречекаа натписот „Добре дојдовте, првачиња“, бини украсени со шарени балони и со цвеќиња, песни и игри на соучениците што стигнале до погорните класови. Патот натаму ги водеше до нивните училници, во кои влегуваа заедно со своите родители за да ги сослушаат поздравните зборови на своите први учители, кои, сигурно, ќе ги паметат целиот свој живот. Потоа веќе почнаа првите часови, почна патот кон знаењето, воспитанието, другарувањето и кон сето она што може да го даде школувањето во нашиот образовен систем, кој макотрпно оди кон своето излегување од бројните проблеми што ги има.

Родителите, кои ги придружуваа своите првачиња, не го криеја своето задоволство од тоа што дочекале децата да им тргнат на училиште и од начинот на кој биле пречекани.
– Сè беше добро. И приредбата со која беа пречекани, и уреденоста на училиштето, на училниците во кои ги чекаа ранците, учебниците од кои ќе учат во текот на годината. Децата беа возбудени утринава пред да тргнеме кон училиштето, сфаќаат дека влегуваат во нова фаза од животот. Видовме дека за кратко време се навикнаа на училницата и дека со внимание ја следеа учителката. Тоа ни ветува дека ќе бидат примерни и дека ќе учат – ни изјавија неколкумина родители што ги затековме во дворот на ОУ „Киро Глигоров“ во скопската општина Центар, каде што се одвиваше една од манифестациите за пречек на првачињата и на другите ученици.
А честитки, желби за успешен старт на учебната година денеска дојдоа од бројни страни. Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, која вчера присуствуваше на првиот училиште час на првачињата во ООУ „Свети Климент Охридски“ ги повика да учат, да бидат љубопитни и да поставуваат прашања.

– Колку повеќе ќе знаете, толку повеќе ќе разбирате, толку ќе бидете потолерантни и посамостојни. Затоа инвестирајте во себе. Учете! Нема подобар пријател од книгата. Натпреварувајте се не само за оценки туку, пред сè, за знаење и успех. Да бидат љубопитни и критични и да развиваат другарства со соучениците и со наставниците. Бегајте од насилството! Бидете другари со наставниците и развивајте другарство со учениците – им порача претседателката.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој ги поздрави учениците во ОУ „Ацо Шопов“ во скопската општина Бутел, им посака успех, нови знаења и пријателства.
– Мислам дека сега почнуваат една нова фаза од својот живот, која, се разбира, ќе има многу предизвици. Младите треба да бидат подготвени да се соочат со реалните предизвици. За жал, животот не е она што најчесто се гледа по социјалните медиуми „Инстаграм“, „Тик-ток“ и слично, туку напротив, животот има многу предизвици. На сите ученици им посакувам да стекнат нови знаења и тие знаења понатаму, низ практика и низ работа, да ги применат во сопствената татковина, Македонија – порача премиерот.
И министерката за образование, Весна Јаневска, им посака на учениците вредна работа.
– Најмалите ученици да имаат успех во учењето, да се описменат, многу да се дружат, да бидат многу љубопитни, да прашуваат, да размислуваат и да го кажуваат своето мислење. На сите ученици им посакувам мирна училишна средина, во која нема да има карање и тепачки. Учете, многу учете, затоа што знаењето е најголемата сила што може да ја добиете, тоа богатство никој не може да ви го одземе и со него може да направите многу добри работи и да си ги остварите желбите. Сè што треба е да верувате во себе и секој ден да учите. Изберете да бидете пријатели со другите деца. Навредите, погрдните зборови и насилството не значат дека сте јаки, напротив, тие се знак на слабост – истакна Јаневска.

Лидерот на опозициската партија СДСМ, Венко Филипче, пак, вчера оцени дека Македонија ја почнува новата учебна година со поразителни бројки.
– Би рекол дека потажен почеток на школската година досега оваа држава немала. Имено, 3.000 помалку деца запишани во прво одделение, 433 паралелки помалку, 26 затворени училишта. Нема поголем и подобар показател за лошите политики на Владата, предводена од Христијан Мицкоски, од оваа бројка. Три илјади деца помалку, 3.000 семејства. Што се случило со тие луѓе? Сигурно не е резултат тоа само на демографските движења, тие луѓе едноставно се иселиле. Зошто? Поради тоа што не ја гледаат иднината во земјава – рече Филипче. (Б. Ѓ.)
Јаневска: Првачињата, освен знаење, да побараат да добијат братче или сестриче
Министерката Јаневска вчера упати и посебна порака до првачињата, зборувајќи за проблемот со намалувањето на бројот на ученици.
– Ако продолжиме вака, постојано ќе затвораме училишта. Ние пред три години направивме сликовница за прво, второ и за трето одделение, која се вика „Јас, мама, тато, дада и бато“. Оттука порака за првачињата: освен тоа што ќе побараат да стекнат знаење, можеби треба да побараат да стекнат и братче и сестриче за да можеме повторно овие привремено затворени училишта во иднина да ги отвораме – порача Јаневска.
Премиерот Мицкоски, пак, рече дека демографскиот пад е главна причина за намалувањето на бројот на ученици и за затворањето на дел од училиштата.
– Во 2025 година, во Македонија се родиле околу 15.650 деца, додека во годините пред пандемијата бројот се движел меѓу 22.000 и 23.000 новородени годишно. Станува збор за намалување од 7.000 до 8.000 деца помалку во рок од седум-осум години. Демографијата учествува со околу 90 проценти во проблемот со намалувањето на бројот на ученици, а дополнителен фактор е и иселувањето – нагласи премиерот, додавајќи дека Владата ќе се обиде најпрво да го стабилизира падот на бројот на население, а потоа да создаде услови за негово зголемување.












