среда, јули 22, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ИМАЛ ЛИ НЕОДАМНЕШНИОТ ИНЦИДЕНТ И НАДВОРЕШНИ ВРСКИ?: Нова терористичка група „Ашаб ал...

ИМАЛ ЛИ НЕОДАМНЕШНИОТ ИНЦИДЕНТ И НАДВОРЕШНИ ВРСКИ?: Нова терористичка група „Ашаб ал Јамин“ и ИСИС под сомнеж за палењето на синагогата во Скопје

Интернет-платформа од Бугарија, „Де ре милитари“, објави дека новоформираната терористичка група „Ашаб ал Јамин“, која веќе стои зад неколку напади на објекти и возила поврзани со Израел и САД, веќе ја презела одговорноста за подметнувањето на пожарот во кругот на Еврејската заедница

1396

Приврзаници на терористичка Исламска држава (ИСИС) или на новоформираната терористичка група „Ашаб ал Јамин“, која последниве недели ја презеде одговорноста за неколку терористички напади во европските земји, се предмет на истрагата околу опожарувањето на Еврејската заедница и синагогата во Скопје. Од МВР вчера не соопштија нови детали околу истрагата за инцидентот на 12 април, кога две лица навлегле во дворот на Еврејската заедница и со канистри со запалива течност се обиделе да го запалат објектот. Оттаму, во изјавата за весникот ВЕЧЕР, наведоа дека се извршени разговори со граѓаните од околината и дека се прегледани снимките од камерите од околните објекти како и од системот „Безбеден град“, и дека истрагата опфаќа и дополнителни мерки. Но, според сознанијата, истражните дејства го опфаќаат и овој круг потенцијално сомнителни лица бидејќи, во изминативе месеци, македонската полиција откри повеќе лица кои планирале да извршат терористички дејства во Македонија.

Претседателот на Еврејската заедница во Македонија, Пепо Леви, ден претходно изјави дека не се информирани околу напредокот во истрагата, а тој меѓу потенцијалните сторители ги наведе и симпатизерите на ИСИС.

– Не знаеме дали се терористи или хулигани. Но, факт е дека терористичка Исламска држава  (ИСИС) имаше проглас  за Велигден да се палат христијански и еврејски верски објекти. Дали е тоа резултат на тој повик или нешто друго, ќе каже полицијата – нагласи Леви.

Напоредно со ова, интернет-платформа од Бугарија, „Де ре милитари“, вчера објави дека новоформираната терористичка група „Ашаб Ал Јамин“ (HAYI) веќе ја презела одговорноста за подметнувањето на пожарот во Скопје. Во објавата се наведува дека таа група може да се поврзе со Иран.

–„Харакат Ашаб ал-Јамин ал-Исламија“ (ХАЈИ) – нова организација осомничена дека има врски со Иран и која ја презеде одговорноста за антисемитските напади низ Европа во март и април, вклучувајќи го и запалување на еврејскиот центар на заедницата и синагогата во Скопје. Организацијата во моментов е под истрага од страна на властите во Северна Македонија. Инцидентот во Скопје, за кој организацијата ја презеде одговорноста, се случил во текот на велигденскиот викенд – се наведува во објавата на бугарската платформа.

Името на организацијата „Ашаб ал Јамин“ првпат почна да се спомнува на почетокот на март и дотогаш не им била позната на јавноста и на полициските органи. Поради тоа се појавуваат дилеми дали станува збор за вистинска организирана група или само за име што се користи. Се смета дека станува збор за „тајна група“, која во некои случаи вработува локални криминалци или структури поврзани со проиранските мрежи за да вршат подметнување пожар, вандализам и други дела. Почнувајќи од 9 март, оваа група преку каналот „Телеграм“ објави дека започнува напади врз американските и израелските интереси низ целиот свет. Само два дена подоцна, истата група, Ашаб ал-Јамин, тврдеше дека извршила бомбардирање со запалување во синагога во Лиеж. На 13 март, напад со подметнат пожар беше насочен кон синагога во Ротердам, Холандија при што холандската полиција потоа уапси четири осомничени, на возраст од 17 до 19 години. Следниот ден, се случи експлозија во еврејско училиште во населбата Буитенвелдерт во Амстердам. Безбедносните снимки од местото на настанот покажаа две лица на моторен скутер како поставуваат уред кон надворешниот ѕид на зградата. За групата се врзува и палење на четири амбулантни возила на еврејската медицинска служба „Хацола“ во Лондон, кога тројца мажи се доближиле во возилата и ги запалиле со течноста што ја носеле во конзерви и потоа избегале. Забележен е и обидот за бомбашки напад пред канцеларија на „Банк оф Америка“ од страна на двајца малолетници, како и неколку други палежи што се случиле во Белгија, Холандија и Франција, главно насочени кон места поврзани со еврејските заедници или со западните институции. По полициските акции, на виделина излезе дека десетина приведени сторители се главно мошне млади лица – на возраст од 14 до 23 години. Иранските власти и дипломатски претставници досега категорично отфрлаа каква и да е поврзаност со оваа нова терористичка група.

Регрутирање млади луѓе е карактеристично и за неколку случаи во кои македонската полиција откри повеќе лица кои подготвувале терористички дејства, но биле спречени во намерата. На 20 февруари годинава, полицијата го приведе К. Х. (20) од тетовската населба Мала Речица кој, на крајот на месецот јануари оваа година, преку социјалната апликација „Дискорд“, испратил сериозна закана дека е подготвен да изврши напад со огнено оружје – автоматска пушка АК-47 позната како Калашников. Две недели пред тоа, ОЈО ГОКК почна истражна постапка против три лица од Скопје за исламски радикализам. За нив има сомневање дека лицата се организираат за одмазда на своите браќа, кои во текот на минатата година беа обвинети и осудени за кривично дело терористичка организација. Кон крајот на 2024 година и почетокот на 2025 година беа уапсени 21-годишниот гостиварец Г. М. и уште три други лица од Струга и од Гостивар поради подготвување терористички акции. Лицата постапувале во насока да организираат одредени несакани настани во иднина, кои би можеле да ја загрозат безбедноста како на Македонија, така и на други држави. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ