Нашиот најпознат пијанист Симон Трпчески ова лето ќе одржи два концерта на две сцени на отворено во Македонија. Првиот концерт е најавен за 13 август во Античкиот театар во Охрид, а вториот за 14 август во локалитетот Хераклеја во Битола.
-Македонската публика ќе има можност да присуствува на две исклучителни вечери со еден од најценетите уметници од нашата сцена, Симон Трпчески. Пијанист со богата меѓународна кариера, настапи на најпрестижните концертни сцени и соработка со врвни светски оркестри, Трпчески е уметник чиј израз одамна ја надминува локалната рамка и е препознаен од публиката ширум светот. Овие два концерти претставуваат можност публиката да го доживее уметникот од светски ранг во автентичен, отворен и исклучително инспиративен амбиент, посочуваат од продукцијата која ги организира концертите.
Трпчески пред крајот на минатата година одржа Новогодишен концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје во придружба на Оркестарот на Националната опера и балет (НОБ), ансамблот „Македонисимо“ и повеќе гости, а под диригентство на Сашо Татарчевски, кога прослави 25 години богата кариера.












