| Дата-центарот не е само голема зграда полна со сервери туку и еден од клучните столбови на дигиталната економија – место што каде се чуваат, обработуваат и пренесуваат огромни количества податоци, а токму неговата инфраструктура е основата врз која се развиваат вештачката интелигенција и современите дигитални услуги. Затоа и најавите за ваква инвестиција во Берово отвораат сериозна дилема дали малата општина може да добие голема развојна шанса или, пак, ваков проект би бил преголем товар за локалната енергетска и водна инфраструктура? Универзитетскиот професор и експерт за телекомуникации од АЕК, Борче Арсов, смета дека дата-центарот може да донесе нови инвестиции, работни места, подобра телекомуникациска и енергетска инфраструктура и побрзи дигитални услуги. Според него, клучот не е во тоа колку жители има една општина, туку дали локацијата ги исполнува условите – стабилно и двојно електрично напојување, сигурна телекомуникациска поврзаност, соодветно земјиште и заштита од физички и сајбер ризици. Во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, Арсов објаснува зошто, според него, Македонија има потреба од дата-центри, но истовремено посочува дека локацијата и капацитетот мора да се определуваат внимателно и според реалните инфраструктурни можности |
Професоре Арсов, кога ќе кажеме дата-центар, за што, всушност, зборуваме?
Кога ќе се спомене поимот дата-центар или ќе се отвори темата околу дата-центар или дата центри, всушност, зборуваме за многу моќни системи, односно сервери, со големи капацитети и капацитетна моќ за прибирање и чување податоци. Без разлика на видот на податоците, дали се тие во пишана форма, аудиоформа, видеоформа или во друг вид форма, формат, дали посебен дел од нив се користи за приклучување на Интернет, овие моќни машини овозможуваат да бидат складирани на едно место и да се користат во интерес на граѓаните, за потреби од нивен личен или професионален интерес. Всушност, тоа е дизајниран систем во кој се сместени голем број други компјутерски системи или се поврзани меѓу себе, поточно кажано, сервери и мрежна опрема, чија намена е чување на податоците, повторувам, во интерес на граѓаните, за приватен или професионален побрз пристап до нив. Колку е поблиску поставен дата-центарот до одредено население, побрзо може да се дојде до посакуваните податоци, документи итн. Тоа е моќна машина на дигиталниот свет и може да го има секое населено место согласно со потребите, место каде што податоците од сите апликации, веб-сајтови и дигитални услуги се обработуваат, чуваат и се пренесуваат 24/7 без прекин. Потоа, помалите дата-центри би можеле се поврзат во еден или два поголеми дата-центри, со што би го добиле посакуваниот резултат на проектот дата-центар или дигитализација на процесите во Македонија.
Колку развојот на дата-центрите е поврзан со вештачката интелигенција?
Секоја дигитална акција, активност или работа што ја правиме на интернет, физички се извршува во некој дата-центар. Да речеме, чувањето на податоците („Клауд“ – облачни услуги). Сите слики на „Гугл фотос“ односно „Ај клауд“ (Google Photos/iCloud), документи, е-пошта и бази на податоци, физички живеат на дисковите во дата-центрите. Оттука, ваквите сервери или машини се со голем мемориски капацитет за да може на нив да се постават апликации поврзани со вештачка интелигенција, која во краток микроинтервал на корисникот ќе му овозможи пристап до посакуваните информации во кој било формат, кој зависи од неговото барање. Секако, тоа е пропорционално како расте количеството податоци било во капацитет било во број, капацитетот на овие дата-центри се приспособува или надградува за да ги преземе тие количества податоци и да може да ги чува и, по потреба на барателот или корисникот, брзо и точно да ги даде оние што се бараат. Таквите видови податоци, на пример, овозможуваат сервиси во реално време, стриминг на видеа („Јутјуб“, „Нетфликс“), онлајн банкарство, социјални мрежи („Фејсбук“, „Вибер“) и видеоигри.
Зошто една мала општина како Берово би била интересна локација за ваква инвестиција? Што бара инвеститорот кога избира место за дата-центар?

Секој инвеститор, во зависност од потребите на одредена општина или населено место, наоѓа или може да најде интересна локација за локален, регионален или национален дата-центар. Во конкретниот случај, Берово, Пехчево, Делчево, Крушево или кое било населено место или општина може да бара или да најде инвеститор за изградба на свој дата-центар. Но, она што е многу важно, избраната локација треба да има добра енергетска и телекомуникациска инфраструктура за да биде дата-центарот поврзан со регионален или национален дата-центар. Одредени институции во Македонија веќе имаат помали дата-центри за свои потреби, како банките на пример, кои чуваат податоци од секаков вид, операторите на Телеком, исто така, за потребите на своите клиенти поврзани со банкарски активности и телекомуникациски активности и услуги. Според моите истражувања во други земји во Европа, сè повеќе е застапена изградбата на дата-центри, но сепак, секоја држава си има еден, два, пет, во зависност од потребите, национални дата-центри, кои ги соединуваат локалните или регионалните дата-центри. Значи, потребна е одлична инфраструктура и беспрекорен пристап со двостепена електрична и телекомуникациска поддршка како и силна сајбер заштита. Да заклучам, секоја локација во Македонија има свои карактеристики и можности за изградба на дата-центар, секако, некоја со повеќе предности некоја со помалку, но сепак, на крајот, тој треба да е во функција на граѓаните локално или национално во Македонија.
Каков би бил придонесот за локалната економија со реализација на еден ваков проект?
Кога во некоја општина, регион или, генерално, во државата, ќе се изгради модерен дата-центар, постојат многу директни и индиректни придобивки за граѓаните, каде што една од поглавните се брзи дигитални услуги и помало задоцнување во добивањето на услугите. Кога дата-центарот е локално присутен и постои во определена општина, податоците патуваат многу пократко. За граѓаните тоа значи побрзо вчитување на сите веб-сајтови, помало доцнење при видеоповици и понепречен стриминг, без сецкање и прекинување. Од друга страна, многу е важно и постоењето на загарантирана безбедност на личните и државните податоци, имајќи го предвид фактот дека локалните или националните дата-центри овозможуваат важните податоци на граѓаните (здравствени податоци, матични книги, банкарски сметки) кои се чуваат внатре во дата-центрите и се во интерес не само на граѓаните туку и за државата, да се чуваат под домашна правна регулатива и според највисоки безбедносни стандарди против сајбер напади.
Потоа, се овозможува економски развој и приход за општината, регионот и државата преку даноци во локалниот буџет, имајќи предвид дека самиот инвеститор плаќа данок на имот и комуналии, што ги зголемува општинските, регионалните и државните приходи, кои потоа се вложуваат во локали патишта, училишта и паркови итн. Исто така, се овозможуваат и нови работни места и нови локални бизниси. Иако самиот дата-центар по изградбата нема илјадници вработени (бидејќи е високоавтоматизиран), тој отвора редовни работни места за ИТ-инженери, мрежни администратори и техничари. Се овозможува креирање на работни места и за физичко обезбедување, одржување на објектот, електричари и машински техничари за климатизација. Се овозможува и драстично подобрување на локалната инфраструктура, бидејќи за да се изгради еден дата-центар, инвеститорот мора да учествува во финансирањето на нова оптичка телекомуникациска мрежа и засилена струјна електрична мрежа. Оваа поставена инфраструктура, кога ќе се стави во функција, подоцна може да ја користат и околните населени места за подобар интернет и постабилно струјно напојување. Треба да се имаат предвид и дигиталната сувереност и Законот за податоци: државните институции (МВР, Здравство, УЈП, Финансии) и критичната инфраструктура (банки, телекоми), по закон, мораат да ги чуваат критичните податоци за граѓаните на домашна територија. Потребата од дизастер рековери (Disaster Recovery – Backup) каде што, на пример, секоја заштитена банка или државна институција мора да има примарен дата-центар и резервен дата-центар кој е физички оддалечен најмалку 30 до 50 километри, во друг сеизмички, односно инфраструктурен регион.
Од друга страна, кои се најсериозните аргументи „против“ еден дата-центар?

Според моите истражувања и практиките во други поразвиени држави кои веќе имаат многу дата-центри, локални регионални и национални, некои сериозни аргументи „против“ изградба на еден или повеќе дата-центри во Македонија, искрено, не гледам. За секоја нова иновативна и корисна активност, определена група луѓе може да се против, но јас велам нека презентираат соодветни аргументи за тоа. Бидејќи реален аргумент за да се биде против и не постои. Тогаш ајде да бидеме против изградба на модерни телекомуникациски системи. Ајде да бидеме против изградба на модерни електроенергетски капацитети. За сè што треба ново да се гради може да се биде против, но аргументирано. Во овој случај, од практична и научна гледна точка, не гледам зошто да се биде против. Она што го читам по определени медиуми за дадени наводни аргументи против, не се реални. Факт е само дека треба многу добро и прецизно да се направи стратегија, инфраструктура и прецизна реализација, по терк на други држави.
Многу се зборува и за потрошувачката на вода за ладење. Дали дата-центарот може да влијае врз водните ресурси на една општина како Берово?
Согласно со моите истражувања на темата дата-центри и нивниот процес на ладење, слободно можам да кажам дека изградбата на дата-центар во која било општина или локација во Македонија, нема да може да влијае на водните ресурси, посебно да речеме, на споменатата општина Берово. Најпрвин, Берово располага со „природно ладење“ (Free Cooling), поради високата надморска височина и пониските просечни годишни температури. Локацијата е идеална за природно ладење на секаков вид опрема, вклучувајќи го и дата-центарот, што заштедува огромни количества електрична енергија. Водата може да се користи за ладење, но не онаа за пиење, туку техничката вода, која со определени кружни системи не би се трошела туку дел, не целата и не во огромни количества, би се користела во кружен систем за ладење на дата-центарот. Инаку постојат и други видови течности кои се користат за ладење на електронски уреди и системи. Значи, целта не е течноста што би се користела за ладење да оди некаде, да истекува и да се носи нова течност или вода, туку дел од течноста или водата во кружен систем да се користи за ладење. Инаку, водата (техничка) за ладење на дата-центрите е потребна затоа што има 4 пати поголем топлински капацитет од воздухот и пренесува топлина многу поефикасно. Тоа значи дека без разлика каков тип ладење би се користело, тоа воопшто нема да влијае на нормалниот живот и функционирањето на обичните граѓани и на нивниот спокоен живот. Истото е и со бучавата. За да се изгради објект каде што би бил сместен еден дата-центар, се мисли и за звучната изолација и за топлинската изолација, па оттука и објектот, секако, би бил соодветно по светски терк, изграден со одлична звучна и топлинска изолација.
Кога една општина добива понуда за ваква инвестиција, што мора да провери пред да каже „да“?
Ако се бара или анализира конкретна локација или зошто некоја општина треба да даде зелено светло за ваков вид инвестиција, таа мора реално да ги исполнува следниве 4 главни столба: Инфраструктура за напојување со електрична енергија, каде што е потребно е да се има две независни напојни линии од МЕПСО (пожелно 110 kV), за капацитет од минимум 5 MW до 50+ MW за поголеми објекти. Инфраструктура за телекомуникациско поврзување, капацитети физички раздвоени ровови за оптика од најмалку два различни телеком оператори („дарк фибер“ конекција до Скопје/Софија/Солун). Потоа, потребно е Урбанистички план, каде што ќе се обезбеди земјиште со намена Г2 (лесна незагадувачка индустрија) или Е1 (комунална/енергетска инфраструктура). Исто така, потребно е да се провери и да се испита безбедноста и физичките ризици – да е сеизмички стабилно подрачје, надвор од поплавни зони (минимум 100-годишна поплава) и подалеку од аеродромски коридори или опасни хемиски индустрии.
Дали во случајот со Берово станува збор за инвестиција која може да биде голема развојна шанса или постојат реални причини за претпазливост?

Секако дека не само за Берово како општина туку и за која било општина, изградбата на дата-центар било од локален, регионален или национален карактер е голема инвестиција и носи големи предности: достапност до податоци, брзина на користење, вработување на кадри, и други поволности кои ги споменав погоре во текстот.
На крајот, се поставува прашањето дали дата-центарот е инвестиција на иднината или голем потрошувач на струја и вода?
Со сигурност може да се констатира, а и од светските практики и научни истражувања да се потврди, дека не треба да се има ни мал сомнеж дали изградба на дата-центар е инвестиција на иднината, затоа што, секако дека е. Иднина кон дигитализациските процеси, олеснување при користењето податоци и анализирање на процесите во подготвување соодветни стратегии во интерес на граѓаните и на Македонија. Со добра изградба на енергетска инфраструктура и систем на соодветно ладење кој не мора да е водата, може да се постигне приспособување на производството на електрична енергија кон граѓаните и дата-центрите и, генерално, енергетската потрошувачка во Македонија. И да заклучам дека да, на Македонија несомнено ѝ се потребни дата-центри, но нивниот број, капацитет и локација не се одредуваат според тоа колку луѓе живеат во секоја од 80-те мали општини, туку според мрежната топологија, енергетската и телекомуникациската инфраструктура, бизнис-потребите и Законот за заштита на податоци.
ЕДЕН СИСТЕМ, ПОСИЛНА САЈБЕР ЗАШТИТА
Дали податоците со кои ќе располага Националниот дата-центар би бил сигурен и заштитен од сајбер напади и злоупотреба на податоците?
Со добри системски заштити од злоупотреба на податоците, веројатноста би била сведена на минимум или би било сосема безбедно дата-центарот да функционира. Постојат соодветни заштитни системи кои функционираат и се испробани во големи дата-центри во други европски држави како на пример, Германија, Франција и САД, каде што сајбер нападите се статистички најбројни, а одбраната е најефикасна, па оттука верувам дека при изградбата на самиот дата-центар соодветно сериозно ќе се мисли и на одбраната на овој дата-центар или на дата-центрите. Во секој случај, податоците и информациите на државата и на граѓаните се најважни и заштитата треба да е најсилна. Од друга страна, многу е полесно да се заштити и фокусот на заштита да биде насочен кон еден, два дата-центри отколку на други помали дата-центри, бидејќи за повеќе дата-центри, системи или сервер сали се потребни повеќе видови заштита отколку за помал број дата-центри. Тоа може да се компарира со примерот на заштита на повеќе објекти, каде што ви се потребни повеќе електронски уреди за заштита или физички лица, отколку заштитата да е фокусирана на еден или на два поголеми објекти, каде што би бил потребен еден електронски систем за заштита и помалку физичко обезбедување. (Е. А.)
Фото: П.СТОЈАНОВСКИ












