Иконскиот италијанско-американски филмски режисер Мартин Скорсезе е во преговори со италијанското Министерство за култура да ја донира целата своја архива на градот Рим, пишува „Кориере дела Сера“.
Ова вклучува оригинални сценарија, костими, делови од сценографијата, опрема, па дури и писма во кои комуницира со продукцијата за филмовите, објавува „Анса“.
Режисерот на филмовите „Таксист“, „Разгневениот бик“ и „Добри момци“, чии родители се од сицилијанско потекло, постојано ги потврдува своите силни врски со италијанската кинематографија.
Според италијанскиот дневен весник, италијанското министерство сега се обидува да ја преземе неговата архива.
„Тие би сакале да ја поврзат оваа донација со програма за обука посветена на млади таленти, но тоа е само претпоставка што се разгледува. Приоритет во моментов е нешто друго – да се чува материјалот во соодветен и логистички исправен простор“, наведува весникот, забележувајќи дека архивата опфаќа околу 50 години американско кино, пренесува „Танјуг“.












