четврток, јули 2, 2026
Дома СКОПСКА Oпштина Илинден доделува субвенции за набавка на инвертер клими или соларни панели

Oпштина Илинден доделува субвенции за набавка на инвертер клими или соларни панели

43

Општина Илинден и годинава доделува субвенции за набавка на инвертер клима уреди или соларни панели во рамки на Програмата за финансиска поддршка на жителите.

Веќе е објавен јавниот повик со кој се предвидува кофинансирање во висина од 50 проценти од вредноста на набавениот клима-уред или соларен панел, односно најмногу до 10.000 денари по производ.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека целта на оваа мерка е да се поттикне користењето на енергетски ефикасни и еколошки прифатливи решенија во домаќинствата, со што директно се придонесува за намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

Право на учество на јавниот повик има секој граѓанин со постојано место на живеење во Општина Илинден кој ќе набави инвертер клима-уред или соларен панел од денот на објавувањето на јавниот повик, односно од денеска, па сè до исцрпување на предвидените финансиски средства за таа намена, при што правото на субвенционирање може да се оствари само еднаш за едно семејство со иста адреса на живеење.

Барањата ќе се разгледуваат по редослед на пристигнување, по принципот „прв дојден, прв услужен“. Комисијата задолжена за разгледување на барањата го задржува правото да изврши увид на лице место за поставениот инвертер клима уред или соларен панел.

Сите заинтересирани граѓани дополнителни информации за условите, критериумите и потребната документација можат да добијат во просториите на Општина Илинден или на официјалната веб-страница на Општината (ilinden.gov.mk).

ИЗДВОЕНИ