Ирската нискобуџетна авиокомпанија „Рајанер“ објави за скок на годишните приходи и профит, проценувајќи дека цените на летните патувања во највисоките нивоа треба да останат на минатогодишното ниво, со намален ризик од недостиг на гориво. Во фискалната година што завршува во март, приходите на „Рајанер“ се зголемија за 11 проценти, на 15,54 милијарди евра.
Нето-добивката по оданочувањето скокна за 40 проценти, на 2,26 милијарди евра. Менаџментот забележа дека бројката не вклучува еднократна одредба од 85 милиони евра за плаќање казна изречена од италијанскиот регулатор во декември минатата година.
Во 12. месеци до март, „Рајанер“ превезе 208,4 милиони патници, што е за четири проценти повеќе во однос на финансиската 2024/2025 година и покрај доцнењето во испораката на 29 авиони „боинг 8200“.
Цените на билетите беа десет проценти повисоки во штотуку завршената финансиска година отколку во фискалната 2025 година, покажа извештајот. На крајот од јануари, менаџментот процени дека тие ќе бидат девет проценти повисоки, зголемувајќи ја претходната процена за два процентни поени.
Во периодот од април до јуни, тие треба да бидат пет проценти пониски од минатата година, бидејќи Велигден се падна во март оваа година, забележува менаџментот. Во летниот квартал, тие треба да останат, повеќе или помалку, на минатогодишното ниво, додаваат тие.
Главниот финансиски директор на „Рајанер“, Нил Сорахан, изјави за ирската државна телевизија РТЕ дека се сè поуверени дека нема да имаат проблеми со снабдувањето со гориво по летото, бидејќи рафинериите ја засилија преработката и наоѓаат алтернативни извори на снабдување од регионот на Персискиот Залив.
Главниот извршен директор, Мајкл О’Лири, изјави во видеопрезентација дека набавувачите ја информирале компанијата оваа недела дека не очекуваат никакви прекини во снабдувањето со гориво до средината на јули.












