Силни емоции и солзи од спомените се случија кога Иван и бендот ја отпеаја својата емотивна песна посветена на прерано починатиот музичар, Џоко Георгиев-Џочето. Тој трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката во Кочани, додека настапуваше со групата ДНК. Песната е на вториот албум на Иван Кукиќ, снимен за „Кроација рекордс“ (поранешен „Југотон“).


Со еден тон емоции и со моќ што ја носи во секоја нота, во секој акорд, познатиот македонски музичар, струмичанецот Иван Кукиќ, кој е од помладата генерација талентирани музичари (и, самиот од познатото музичко семејство на Горан и Ленче Кукиќ), а кој е и дел од составот на Влатко Стефановски – трио, во својот роден град направи вечер за долго памeтење. Овој пат, со бендот „YU for YOU“, на сцената во НУЦК „Антон Панов“, создаде двочасовна музичка приказна исполнета со најдобриот рокенрол, безвременски хитови и енергија која лесно се пренесе на присутните во салата. Публиката не се штедеше ниту со пеењето заедно со Иван и бендот ниту во силните ракоплескања, докажувајќи ја на тој начин смислата на самиот наслов на концертот – „Со свои зборови“. За време на концертот, во публиката видовме и познати лица од македонската естрада, а специјално од Загреб допатува и менаџерот на култната група „Парни ваљак“.
И навистина, сите овие врвни музичари со својот настап донесоа незаборавно доживување со свирката за која нема да раскажува само публиката, туку и ние, акредитираните новинари, кои ја имавме ексклузивната можност да присуствуваме на концертот. Токму затоа заслужуваат да ги пофалиме, по име и презиме: Зоран Трендов – гитара, Марјан Стоилов – тапани, Слободанка Иванов и Анастасија Цамбулева – перкусии, Јован Цветковиќ – клавијатури и Горан Мицев, исто така на клавијатури. 
Бевме почестени со самата покана за присуство на концертот, а и навистина уживавме, па нема ни најмала потреба од додворувачки зборови. Тоа беше воедно и неповторлив спој на музиката на Иван и бендот, сосе фолк-звуците на познатиот КУД „Гоце Делчев“ од живописното место Босилово.
Но рака на срце, силни емоции и солзи од спомените се создадоа кога Иван и бендот ја отпеаја својата силно емотивна песна „Разбуди се, генерацијо“, посветена на прерано починатиот музичар Џоко Георгиев-Џочето. Тој трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката во Кочани, додека настапуваше со групата ДНК.
Автори на музиката и текстот се Горан Кукиќ и Драгољуб Марковиќ, додека аранжманот го потпишува самиот Иван Кукиќ. Додека ја слушате оваа прекрасна песна, ќе си признаете дека чувствувате „пеперутки низ стомакот“, а ќе се најде на вториот албум на Иван Кукиќ, снимен во издавачката куќа „Кроатија рекордс“ (поранешен „Југотон“).
Текст и фото: Дуле МИЌИЌ












