Една 73-годишна Русинка била прогласена за мртва од страна на специјалист за реанимација во декември 2025 година, но два часа подоцна, во мртовечницата, таа покажала знаци на живот. Лекарот е обвинет дека потоа ѝ вбризгал смртоносна супстанца за да ја прикрие својата грешка. Тој е уапсен и се наоѓа во притвор.
Според рускиот информативен портал Gazeta.ru, еден специјалист за реанимација е осомничен дека ѝ вбризгал смртоносна супстанца на 73-годишна пациентка – која претходно по грешка била прогласена за мртва – за да ја прикрие својата грешка. Против него е покрената истрага.
На 17 декември 2025 година, 73-годишната Галина била примена во болница во Северодвинск, во регионот Архангелск, поради акутна тромбоза. За време на лекувањето, нејзиното срце престанало да чука. Олег Г., 29-годишен лекар, се обидувал да ја реанимира речиси половина час, но без успех. Потоа, специјалистот констатирал смрт.
Сепак, според првичните наоди од истрагата, срцето на жената повторно почнало да чука – факт што лекарот не го забележал. Кратко потоа, 73-годишната жена, која била прогласена за мртва, била пренесена во мртовечницата. Но, два часа подоцна, еден од вработените забележал знаци на живот и го известил лекарот.
Во тој момент, случајот добил сосема поинаков тек. Наместо да пружи итна медицинска помош, лекарот – специјалист за реанимација – дал пропофол, интравенски анестетик што се користи за воведување и одржување на анестезија, а кој исто така може да предизвика респираторна депресија (забавување или прекин на дишењето). Истражителите веруваат дека Олег Г. го дал овој смртоносен лек за да ја прикрие својата првична грешка.
Покрената е истрага за „убиство на лице во беспомошна состојба“. Олег Г., кој дипломирал во 2023 година, е уапсен и ставен во притвор. Тој ги негира обвинувањата, тврдејќи дека постапил во согласност со медицинскиот протокол.
Врз телото на жената ќе биде извршено токсиколошко испитување за дефинитивно да се утврди причината за смртта на 73-годишничката.












