Новата програмска платформа – најава за враќање кон вистинските вредности на социјалдемократијата, по партискиот конгрес и регионалните иницијативи, активности кои изминатиов викенд ги презеде СДСМ, не го сменија ставот и односот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и на премиерот Христијан Мицкоски кон најголемата опозициска партија. Опозицискиот СДСМ денеска соопшти дека програмската платформа „Твоја држава, твоја шанса“, која вчера формално беше презентирана на 32. Конгрес на СДСМ е визијата на СДСМ за модерна, праведна и европска држава. Напоредно со ова, се додава, со меѓународната конференција „Скопската иницијатива“ партијата ја потврдила својата улога како обединувачки фактор на поширокото прогресивно движење во регионот и во Европа, кое се спротивставува на корупцијата, авторитарноста и на антиевропските политики.
– Ова е нова етапа во нашето дејствување. Во време кога илјадници млади луѓе ја напуштаат државата во потрага по подобри можности, платформата нуди конкретни политики за нивна поддршка: пристап до достоинствено вработување, повисоки плати, достапно домување, квалитетно образование, модерни студентски стандарди и еднакви можности за развој без партиски книшки и врски – изјави вчера Богданка Кузевска, портпаролката и член на ИО на СДСМ.
На партискиот конгрес, лидерот Венко Филипче посочи дека власта ги прикрива неуспесите со националистичката реторика.
– Особено е опасно кога таа слабост се прикрива со националистичка реторика. Зашто најлесно е неуспехот да се покрие со врева. Најлесно е тешката реалност да се оттурне со наметнато чувство дека секоја критика е предавство, дека секој разумен предлог е слабост, дека секој повик за храбрa одлука е понижување. Но, држава не се води со инает. Држава се води со визија. Држава не се брани со изговори. Држава се брани со резултати – рече Филипче, додавајќи дека по Самитот ЕУ – Западен Балкан е испратена порака дека проширувањето е геополитички приоритет и дека Македонија не смее да стои во место.
За премиерот и лидерот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заложбите на СДСМ се веќе слушнати и познати работи.
–Мислам дека не треба секогаш да даваме коментар за тоа што го кажува СДСМ. Еве, јас само можам да кажам дека ова е фолклор што сме навикнати да го слушаме, не видовме ништо поразлично. За жал, СДСМ продолжува да биде мекото ткиво во македонскиот национален идентитет. Јас жалам што од некогаш државотворна партија се претвори во една група која се бори да го штити својот личен интерес. Но, тоа е што е, тие одбрале таква политика, така да се однесуваат и ние тука не можеме нешто повеќе да сториме – изјави денеска Мицкоски за време на престојот во Виница. (Б. Ѓ.)












