понеделник, јуни 8, 2026
Дома КУЛТУРА Министерот Љутков задоволен од динамиката на реконструкцијата на Универзална, најави дека новиот...

Министерот Љутков задоволен од динамиката на реконструкцијата на Универзална, најави дека новиот претседател на Советот за македонски јазик ќе биде познат утре

75

Министерството за култура и туризам во 2026 година ќе располага со буџет од 12 милијарди и 540 милиони денари, а дополнителни 285 милиони денари ќе бидат обезбедени од приходите од игрите на среќа за поддршка на културата и туризмот, информираше министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Тој, на брифингот со новинарите, одржан денеска истакна дека со новите законски решенија се обезбедува траен финансиски механизам за развој на филмската индустрија и туризмот, при што три проценти од приходите од игрите на среќа ќе се издвојуваат за Агенцијата за филм, а четири проценти за развој на туризмот, без ограничување на годишниот износ.

– Согласно со новите законски решенија, три проценти од приходите од игрите на среќа ќе се одвојуваат директно за Агенцијата за филм, без ограничување на висината на средствата на годишно ниво. Со тоа се обезбедуваат значително поголеми финансиски ресурси, пред сè, за домашни филмови и серии, поддршка на млади автори, дебитантски проекти и развој на аудиовизуелната индустрија, истакна Љутков.

Тој нагласи дека во тек се повеќе законски и стратешки процеси, меѓу кои нов Закон за култура, Национална стратегија за развој на културата 2026-2030 и Стратегија за развој на туризмот 2027-2030, кои, како што рече, треба да бидат завршени до крајот на годинава.

Во делот на капиталните инвестиции, министерот посочи дека за изградба, реконструкција и санација на културни објекти се предвидени 407 милиони денари, од кои до јуни се реализирани околу 100 милиони денари.

Според него, до крајот на годинава се очекува завршување на повеќе капитални проекти, меѓу кои театарот во Струмица, реконструкцијата на поранешното кино „Партизан“, реновирањето на просториите на Националната установа Џез оркестар и санацијата на терасите во Македонскиот народен театар.

– Посебно задоволство претставува динамичната и успешна реализација на реконструкцијата на Универзалната сала во Скопје. Со сегашната брзина на работите, реконструкцијата треба да заврши во предвидениот договорен рок – рече Љутков.

Mинистерот за култура посочи и дека новиот претседател на Советот за македонски јазик ќе биде познат утре за кога е закажана седница на Владата. Советот за македонски јазик од мај годинава е без прв човек откога професорката Симона Груевска поднесе оставка од позицијата претседателка на Советот.

На брифингот присуствуваше и директорката на Инспекторатот за употреба на македонскиот јазик Менче Андреева. Инспекторатот во јули лани почна со работа како орган во состав на Министерството за култура и туризам, а Министерството за финансии во меѓувреме одобри вработувања на пет инспектори по македонски јазик. Андреева посочи дека во тек е постапка за вработување на инспекторите, а потоа кандидатите треба да полагаат за административни службеници во Агенцијата за администрација, па на крај ќе се изврши нивна селекција. Таа појасни и дека веднаш по нивното формално вработување, ќе почне законски предвидената процедура за обука во траење од една година по што кандидатите ќе полагаат испит за стекнување лиценца за инспектор. Во врска со примената на Законот за употреба на македонскиот јазик, Андреева информираше дека до Владата е доставена информација со барање институциите да достават податоци до Инспекторатот за состојбите на терен. Според неа, 50-ина институции веќе одговориле на барањето, при што повеќето посочиле дека во моментот немаат вработено лектори, но дека работат на измени на систематизациите за да обезбедат такви работни места.

ИЗДВОЕНИ