Основното јавно обвинителство Штип донесе наредба за спроведување истражна постапка против лице за кое постои основано сомнение дека извршил други полови дејствија врз 16-годишно девојче. Кривичното дело, како што информираат од Обвинителството, е казниво според член 186 од Кривичниот законик.
Настанот се случил на 18 јуни во Штип.
„Додека жртвата се движела по пешачката патека покрај реката Брегалница во Штип, осомничениот започнал да ја следи. Девојчето, чувствувајќи се непријатно, седнало на клупа со надеж дека тој ќе продолжи да се движи. Меѓутоа, осомничениот седнал до неа, по што започнал да ја вознемирува и да ја принудува на други полови дејствија“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
Девојчето, иако исплашена, успеала да го оттурне напаѓачот од себе и веднаш побегнала.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор. Барањето е поради постоење реален ризик осомничениот да се даде во бегство, страв дека лицето може да ги сокрие или уништи трагите од кривичното дело, да влијае врз девојчето во текот на истрагата или да го повтори делото.












